Ставрески: Инвестицијата на Рој ќе продолжи и ќе биде реалност

Инвестицијата на Субрата Рој во Македонија непречено ќе продолжи и ќе стане реалност, а за тоа е потврда денешното соопштение од компанијата,вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

„Денешното соопштение го потврди она што претходно го кажавме, а тоа е дека инвестициите на Субрата Рој во Република Македонија непречено ќе продолжат. Ситуацијата таму е објаснета и дадени се сите детали. Имаме и усна потврда од Рој дека неговиот проект и во Охрид и на други места во Македонија ќе се реализират согласно динамиката што е договорена“, изјави Ставрески одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на препумпна станица во скопската населба Драчево.

Истакнува дека при реализација на проектот ќе бидат запазени сите законски и еколошки прописи и оти ќе се надоместат сите оние што имаат земјиште на делот каде треба да се реализира проектот. „Владата ќе разговара со сите кои треба и ќе постапи согласно законските прописи во Македонија што се однесува на земјиштето што ќе биде од интерес за изградба на проектот во Љубаниште. Ќе бидат запазени сите законски услови, сите еколошки стандарди. Ќе се надоместат сите што имаат земјиште таму согласно законските прописи, така што во тој дел нема да има дилеми“, рече министерот.

Што се однесува до обвинувањата од опозицијата во однос на оваа инвестиција, рече дека  Владата веќе е навикната само на навреди и сомнежи од нивна страна за се што работи, вклучително и за сите инвестиции. „Времето покажа кој бил во право и ќе покаже и во иднина дека овие напори што се прават за реализација на инвестиции и за доаѓање инвеститори и отворање фабрики и работни места, а и за оваа инвестиција што се однесува на Субрата Рој ќе биде реалност. Јас сум убеден дека треба да продолжиме не со критицизам, туку со напори да се реализираат сите проекти што сме ги ставиле во програмата и да донесеме што повеќе инвестиции и од надвор и од дома, а со цел да се подобри животот на граѓаните“, истакна министерот Ставрески.

Утрово компанијата преку соопштение информира Sahara India Real Estate Corporation Limited и Sahara Housing Investment Corporation Limited, немаат никакви обврски. 

„Вкупните обврски на двете компании беа 4774.32 милиони долари, а вкупната исплатена сума е 4095.81 милиони долари. Неисплатените обврски беа 678,51 милиони долари. Повеќе од 50 проценти од оваа сума е веќе исплатена од страна на компанијата кон инвеститорите во руралните области и оваа сума е во процес на верификација. Каматата од 15 проценти на целата сума е 253.80 милиони долари. Исплативме на СЕБИ 948,15 милиони долари. Според тоа, Сахара од денес нема никакви обврски, напротив ќе биде во можност да поврати големи средства од СЕБИ. Информациите во врска со хипотеката на имотите на овие две компании се целосно неточни, измислени и неосновани“, истакнуваат од компанијата.

Минатата недела беше објавено дека Индиското регулаторно тело СЕБИ, на барање на Врховниот суд на Индија, ги замрзна сметките на компаниите на милијардерот Субрата Рој.

Индискиот милионер најави големи инвестиции во Македонија. Планира да изгради монденски туристички центар на Охридското Езеро, кај Љубаниште. Комплексот ќе содржи луксузни хотели, казина, спортски терени, пристаниште, објекти за забава и рекреација, одмор, терени за голф, спа центри, марина-хотели и казино на вода. Ќе се простира на површина од 240 хектари,  а го има изработено британската Аткинс. Најави и изградба на споменик на Мајка Тереза во центарот на Скопје и вложување во земјоделскиот сектор на Македонија.