Првата регионална студија за развој на е-Влада беше промовирана денеска во Скопје. Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски денеска го отвори дводневниот состанок на Регионалната мрежа за е-Влада, на кој беше презентирана оваа студија.
„Оваа регионална студија е од особено значење за Република Македонија и земјите од регионот, бидејќи се анализира индивидуалниот развој во сите сегменти на е-Влада, а резултатите се споредуваат со останатите земји на кои се однесува студијата, како и со најдобрите практики во Европската Унија. Предложените препораки во студијата, направени врз основа на спроведените анализи даваат нов видик на тоа како може уште повеќе да се подобри состојбата во областа на е-Влада, која е еден од главните двигатели на реформите во јавната администрација“, рече во своето обраќање министерот Ивановски.
Регионалната компаративна студија за е-Влада е прва од ваков вид на Регионалната школа за јавна администрација (РеСПА) во областа на реформи во јавната администрација во земјите од Западен Балкан, чија главна цел е подобрување на нивото на имплементација на е-Влада во земјите членки на РеСПА, на начин што ги зема во предвид специфичните состојби во регионот и европските стандарди и трендови. Истовремено, студијата нуди препораки со кои ќе се подобри продуктивноста, ефикасноста и ефективноста на државните институции.
„Република Македонија во изминатиот период реализираше повеќе значајни проекти од областа на е-Влада, како што се системот за интероперабилност, документ менаџмент системот, најразлични електронски услуги достапни за граѓаните и компаниите, како што се електронските даноци, електронските јавни набавки, електронска регистрација на компании, ЕXIM системот, е-катастарот, електронско аплицирање во администрацијата…“, изјави министерот.
Искуствата од словенечката Е-влада ги пренесе професорот Мирко Винтар, во рамките на презентацијата „Е-влада во Словенија – стратегии, улоги и одговорности за успешна модернизација и трансформација“.
Во студијата се истражуваат најдобрите модалитети за подобрување на продуктивноста, ефективноста и ефикасноста на Владите со изнаоѓање бројни препораки, и со обид да се идентификуваат предизвиците. Се посочува на областите каде што е најпотребно да се работи на градење на капацитетите на јавната администрација.
На состанокот присуствуват и министерот за јавна администрација на Република Хрватска, Арсен Баук, директорот на РеСПА, Суад Мушиќ, како и заменици министри од Црна Гора и претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Црна Гора, Србија и Косово.
Регионалната школа за јавна администрација, РеСПА, чие седиште е во Даниловград, Црна Гора, претставува меѓународна организација на која и е доделена мисијата за развојот на регионалната соработка на полето на јавната администрација.