Вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими денеска присуствуваше на средбата со амбасадорите на земјите членки на Европската унија во Република Македонија.
На средбата, како што соопшти кабинетот на Бесими, било разговарано за напредокот во евроинтеграциите и за актуелната политичка состојба во земјава. Соговорниците се осврнале на активностите кои ги презема Владата во насока на спроведување на реформите и исполнување на критериумите за членство во Европската унија.
Според соопштението, вицепремиерот Бесими ја истакнал подготвеноста за натамошно продолжување на Дијалогот на високо ниво, како и сите други проекти кои го поддржуваат евроинтегративниот процес на земјата.
Декемвриските заклучоци на Советот, било посочено на средбата, се солидна можност за забрзување на реформите.
„Имајќи ги предвид овие заклучоци со цел што поскоро отварање на преговорите за членство на Република Македонија, во пресрет на пролетниот Извештај на Комисијата, вицепремиерот Бесими нагласи дека фокусот на Владата ќе биде насочен кон приоритетните области во исполнување на обврските преземени во рамки на Пристапниот дијалог и извештајот за добрососедските односи“, стои во соопштението.
Акцент бил ставен и на посветеноста на Владата во насока на спроведување на реформите и исполнување на критериумите за членство во Европската Унија кои произлегуваат од Пристапниот дијалог на високо ниво.
Бесими истакнал дека е подготвен преглед за постигнатиот степен за исполнување на предвидените мерки во клучните пет реформски области слобода на изразување (медиуми), владеење на правото, јавна администрација, меѓуетнички дијалог и изборните реформи и оти е доставен до службите на Европската комисија.
Тој информирал и за утрешната посета на Брисел каде треба да се сретне со еврокомесарот за проширување на Европската комисија, Штефан Филе.
На крајот било потенцирано значењето за Република Македонија во овој период да се покаже напредок кон започнување преговори со Европска унија и потребата сите релевантни фактори во државата да придонесат кон овој процес и преку дијалог да се надминат сите предизвици.