ВМРО-ДПМНЕ: Ќе ги поддржиме сите барања за легализација, но на првата седница по изборите

Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Охрид, повторно излегоа со соопштение во кое што стои:

„Уште еднаш сакаме да потсетиме дека предизборниот период не е период во кој треба да се расправа и од страна на Градоначалникот на Охрид  да се манипулира со  граѓаните во процесот на тнр.легализација на дивоградбите. 

Укажуваме дека таквите дејствија се спротивни на изборниот законик и сметаме дека седницата со 80 точки плус дополнителни кои се планираат треба да биде поместена за првиот термин по локалните избори на 24 март, за граѓаните да не бидат жртви на лагите за наводна услуга од  страна на Градоначалникот Петрески и на Локалната самоуправа Охрид. Неискрените намери станаа поочигледни и со обидот за манипулацијата со вистината во вчерашната реакција на кабинетот на Петрески. Напротив, Петрески и надлежните во локалната самоуправа треба да одговараат зошто досега не го спровеле процесот на легализација на дивоградбите туку го чекаа предизборието за да манипулираат со барањата на граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ цврсто и непроменето  стои на  ставот  дека ќе ги поддржи подеднакво сите барања на граѓаните во процесот на легализација на дивоградбите во Охрид, но тие не смеат сега да бидат манипулација во изборниот процес. Затоа бараме одложување на седницата закажана за 1.03, а расправата по точките ќе продоложи законски и без манипулациите веднаш на првата седница по изборите, со новиот Градоначалник и со новиот состав на Советот на Општина Охрид“. – стои во соопштението од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Охрид.