По вчерашните насилни протести пред Владата на РМ досега приведени 18 лица, повредени 11 полициски службеници

Министерството за внатрешни работи во текот на вчерашниот ден, во попладневните часови, на поширокото подрачје од градот регистрираше низа инциденти во кои поголем број лица, меѓу кои и малолетници се здобија со повреди, а беше предизвикана и материјална штета. Инцидентите започнаа на протестот организиран од страна на здружение на граѓани пред Владата на Република Македонија, а завршија со повеќе физички напади над лица на возраст од 13 до 28 години за кои во моментов сеуште не може да се потврди дека станува збор за одмазда за претходните инциденти.

Имено, околу 16.15 часот, поголема група на млади лица маскирани со шалови, со капуљачи  на главите  почна да фрла разновидни  предмети, (шишиња, камења, парчиња од бекатон и други тврди предмети) при што беа запалени и фрлени кон објектот на Владата пиротехнички средства кои паднаа на платото при што немаше никакви оштетувања ниту повредени полициски службеници. Околу 16.45 беше запалено и  националното знаме на Република Албанија, при што   дел од насобраната толпа се повлече и си замина, а едно лице од останатите се оддалечи кон семафорите на крстосница  бул.,,Илинден “ со бул.,,Климент Охридски“ фрлајќи со тврди предмети кон униформираните полициски службеници. При обидот да биде приведен и останатите учесници започнаа да фрлаат предмети кон полицијата.

Во овие инциденти беа повредени седум полициски службеници, а оштетени едно комбе, едно теренско возило и девет штитови на полицијата. Благодарение на интервенцијата, масата беше  потисната до почетната позиција пред објектот на Влада на РМ при што истите со канонада од камења, цигли и други тврди предмети беа повредени уште тројца полициски службеници. Разбиената маса во поголеми групи од пред Владата се упати кон бул.,,ВМРО“ објект ,,Тифани“ и „Плоштад ,,Македонија“ каде продолжиле со насилтво и фрлање предмети при што е повреден уште еден полициски службеник. Критичната маса од плоштадот “Македонија“ се растури во помали групи кои се разбегаа кон Транспортниот центар и населбата Аеродром. При бегањето извршени се неколку физички напади во кои што се повредени лица, а оштетен е и еден автобус на ЈСП и неколку возила.

Во вечерните часови пријавени се пет физички напади за кои се претпоставува дека се мотивирани од одмазда за претходните инциденти. Имено, околу 18,30 часот 18 годишно лице од Кавадарци пријавило дека на булеварот “Александар Македонски“ пред АД “Алкалоид“ без повод и причина додека разговарал на телефон му пришле пет до шест лица од зад грб и физички го нападнале удирајќи го со тупаници и клоци во пределот на главата и телото, при што му нанеле видливи повреди. Околу 19 часот во Скопје на автобуската постојка Бит Пазар, спроти “26- Јули“ пријавено е дека три млади лица, без повод и причина, физички биле нападнати од група засега непознати лица со клоци и тупаници а напаѓачите избегале во непознат правец. Инцидент е пријавен и на последната автобуска постојка на автобусот бр. 45 спроти амбулантата каде од страна на 10-15 лица физички било нападнато 16 годишно момче кое било удирано со шипки по главата и телото. Околу 22,10 часот кај старата општина во населбата Бутел од страна на две машки лица било нападнато 13 годишно момче од населбата.

Од ГОБ е пријавено дека кај нив биле донесени две момчиња на возраст од 15 години кои според нивните тврдења биле физички нападнати од пет до шест лица кај Камениот мост (од страната на Старата скопска чаршија).

Со интервенција на полицијата досега се приведени 18 лица, од кои дел се малолетни. Истите се спроведени во неколку полициски станици и по целосно документирање на случаите ќе бидат процесуирани соодветни кривични пријави и истите ќе бидат изведени пред надлежен суд. Меѓу приведените се и две лица од Прилеп и Скопје кои се јавуваат како организатори на вчерашниот простест.

Исто така во текот на денот, пред одржувањето на протестите беа регистрирани и два други инциденти. Во првиот на крстосницата од улиците “Самоуилова“ и “Лазар Личеноски“ две момчиња од Штип пријавиле дека биле физички нападнати од пет до шест лица и удирани со разни предмети. Во вториот случај 16 годишно момче на булеварот “Крсте Мисирков“, спроти “Прокредит банка“, без повод и причина било извлечено од автобус бр. 65 и физички нападнато од страна на четири лица по кои во моментов се трага.

МВР апелира на смирување на страстите бидејќи против сите коишто ќе продолжат со насилство ќе бидат преземени најостри мерки.