Владата усвои првичен пакет на мерки за семејствата опфатени со поплавите

Во насока на санирање на настанатите штети од непогодните природни влијанија и поплавите кои беа актуелни, Владата на Република Македонија, по првичните добиени извештаи и анализи, на вчерашната седница донесе првичен пакет мерки за помош на населението и општините во загрозените региони.

Прво, Владата одлучи да додели еднократна неповратна интервентна парична помош во висина од 15 500 денари за секоја куќа или стан што биле оштетени од поплавите. Средствата ќе бидат префрлени на највозрасното лице во семејството, а Министерството за финансии во понеделник ќе започне со исплата на помошта врз основа на податоците за трансакциските сметки што ќе се обезбедат од страна на подрачните единици на Министерството за труд и социјална политика, кои во текот на денешниот ден треба да ги обезбедат податоците.

Сакаме да потенцираме дека оваа еднократна помош е интервентна и таа не го анулира делумниот надомест на штети кој ќе се исплати врз основа на проценка на општинските комисии за штети согласно законот. Значи оштетените од куќата или станот кој бил оштетен ќе добијат и еднократна парична интервентна помош од 15 500 денари, и потоа согласно закон ќе добијат и надомест на штета врз основа на проценките на општинските комисии.

Второ, Владата одлучи целата количина на облека и обувки со завршена соодветна постапка со кои располагаат Царинската управа и Агенцијата за управување со одземен имот, да се сортира по броеви и пол и во наредните пет-шест дена да се подели на лицата во настраданите подрачја од поплавите.

Подрачните единици на Министерството за труд и социјална политика, во текот на денешниот ден во општините зафатени од поплавите ќе остварат контакти со семејствата односно лицата од семејствата чии куќи/станови се оштетени од поплавите со цел добивање на податоци за величината на облеката и обувките и истите до крајот на денот ќе ги достават до Царинската управа и Агенцијата за управување со одземен имот, со цел нивно сортирање и на секое лице поединечно да му се даде пакет со по неколку артикли, при што да се внимава секое семејство да добие иста количина на стока.

Трето, Владата ги задолжи Агенцијата за управување со одземен имот и Управата за јавни приходи да подготват список на покуќнина (бела техника, теписи, регали, маси, столици и др.) кои се во нивен посед, врз основа на кој Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Црвениот крст на Македонија и градоначалниците на општините во кои се случија поплави ќе ја делат покуќнината на граѓаните од настраданите подрачја, а врз основа на констатирани потреби од теренот. При распределбата ќе се подготвува записник кој ќе биде потпишан од страна на примателот на покуќнината за да не се случи да отидат на погрешна адреса.

Четврто, Владата одлучи да отстапи на општините кои беа загрозени со поплавите 130 000 литри нафта, кои ќе бидат употребени за санирање на последиците од поплавите, односно ангажман на механизација и останати потреби.

Исто така, продолжуваат мерките за доставување на лекови, храна и санитетски материјал онаму каде што е потребно, зголемена мобилност на болниците, клиниките и медицинските центри, расчистувањата на теренот и санирање на последиците.

Владата ќе продолжи будно и активно да ја следи состојбата и да презема мерки и активности за понатамошна поддршка на населението.