Реагирања од СОНК: Електронски дневник, екстерно оценување, преобемна педагошка евиденција… А платата?!

Вчера, во просториите на Регионалниот одбор на СОНК – Охрид се одржа вонредна седница на синдикалните лидери од охридските синдикални организации на СОНК, при што се дискутираше за актуелните состојби во образовните и културно–научните установи.

Меѓу поважните прашања за кои се дискутираше беа одговорите на надлежните министерства по писмата  испратени од СОНК, а во кои синдикатот бара итни разговори за разрешување на проблемите околу покачувањето на платата во образованието, како и решавање на проблемите со екстерното оценување и водењето на електронскиот дневник, односно преобемната педагошка евиденција.

Во овој контекст, синдикалните лидери на просветните работници реагираа и на игнорирањето на ресорното министерство во врска со покачувањето на платите во образованието, што беше ветено минатата година, најпрвин со 10 %, а потоа со само 5 %, за денес да немаме никакво покачување.

„Просветните работници се очигледно потрпеливи и од лекарите и од медицинските сестри, па дури и од  пензионерите  кои бараа и си го добија своето ветено. Останува ние да чекаме на волјата на Министерството и на Владата за да се потсетат што ветија и да си го исполнат ветеното. Ние, просветните и други работници во образованието, науката и културата, со секој ден добиваме се поголеми и нефункционални обврски со кои се отежнува нашата работа, особено на сметка на вниманието и посветеноста кон основната наша мисија – учењето и подучувањето на учениците. Бараме да се редуцира водењето на педагошката евиденција и особено да се има разбирање за неводењето на електронскиот дневник, особено кога училиштата не се во интернет конекција“. – беше истакнато од синдикалните лидери на охридскиот СОНК.

На седницата со особен гнев беше проследена неодамнешната несреќна изјава на директорката на БРО, г-ѓа Надица Николовска, во која таа строго и непромислено им нареди на наставниците и професорите да го водат електронскиот дневник  и  од дома, па дури и од некое интернет-кафуле*, –  без разлика дали училиштето има интернет или не. (!!??)

„Како може некој да бара електронски дневник, кога нашите училишта -не сите- не ги исполнуваат и основните услови, односно не се вклучени во интернет-мрежата?! И покрај тој хендикеп, ние навистина се трудиме да бидеме исполнителни и мотивирани за секој час, но каде е одговорноста на БРО и МОН за нивните ветувања дека ќе решат дел од  проблемите  со сложената и преобемна педагошка евиденција, и особено  ветувањето дека платите ќе ни бидат зголемени за минимум  5 или 10 %?!

Оттука, порачуваме дека ние и натаму совесно ќе си ја вршиме својата учителска мисија, но бараме од надлежните час поскоро да седнат со нашите највисоки синдикални претставници (Советот на СОНК и преговарачкиот тим на СОНК) и во функција на подобрување на воспитно-образовниот процес да изнајдат најсоодветно корисни решенија за доброто на сите засегнати работници и други субјекти во образовните установи“. – порачаа синдикалните лидери на СОНК од охридскиот регион.

На седницата  на која се водеше жестока дискусија по сите проблеми  во образованието, присутните, чувствувајќи се професионално навредени и понижени, со видлив гнев  реагираа на т.н. двојна оценка или втора оценка, односно оценката од екстерното оценување која според сознанијата ќе треба да стои во свидетелствата на учениците:

„Ова е преседан и нонсенс во училиштата, не само во Македонија, ами и во цела Европа чии проекти без приговор и без поговор ги внесуваме во нашата практика“. – реагираа синдикалните лидери  од  охридскиот регион.

На крајот, беше истакнато дека уште еднаш ќе бидат до детаљ забележани сите потешкотии во наставната практика, но и сите барања за подобар стандард на вработените во образованието, и како предупредување ќе им бидат доставени на надлежните министерства за што е можно поскоро решавање на овие мошне горливи прашања  за просветните работници.

sonk2

Фото: ДИМ ДОН