Започна изборната кампања

Изборната кампања за претстојните локални избори што ќе се одржат на 24 март официјално започнa од вечерва на полноќ. Кампањата трае 20 дена. На 23 март се прогласува изборен молк и следниот ден следува изборниот процес. На претстојните локални избори ќе се појави и опозицијата по постигнувањето на политички договор за прекинување на бојкотот.

Собранието во саботата го продолжи рокот за доставување кандидатски листи за советници и градоначалници до 8-ми март. Колкава ќе биде вкупната бројка учесници на овие локални избори се очекува да се знае откако ќе заврши овој рок, кој вторпат се продолжува.

Се очекува ДИК повторно да направи измени на роковникот, а исто така по потврдувањето на листите треба да се изврши ждребување меѓу новопријавените кандидати. Според најавите од Државаната изборна комисија по првото продолжување на рокот кој беше до 3-ти март на полноќ, редните броеви на кандидатите кои доставија листи во законски предвидениот термин односно до 16 февруари остануваат исти, а единствената листа на кандидати ќе биде дополнета само со новопријавените кандидати.

Локалните избори во Македонија ќе се спроведат во 80 општини. Во избирачкиот список за гласање на локалните избори се запишани вкупно 1.743.403 избирачи.

Во Охрид ќе се гласа на 73 избирачки места, а право на глас имаат 50.686 граѓани.

WebOhrid