„На вчерашниот митинг кој го одржа СДСМ во Охрид, малубројните присутни граѓани меѓу кои злоупотребени малолетни ученици кои го поднесоа својот школски прибор, не само што согледаа дека константно се залажувани со празни зборови и ветувања туку им го согледаа и нивното лицемерно и грдо управување со локалната самоуправа во изминативе години“, – истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Никола Митровиќ, која се одржа во комплексот Летница.
Митровиќ кажа дека уништената гордост на градот, неуредените улици, хаосот со паркинзите, бизнисите со зградите, уништување на зелените појаси, панаѓурскиот туризам, сето ова е всушност грдото лице на Охрид создадено од Петрески и СДСМ.
„Нивната дезориентираност се демонстрира и преку тоа што на нивниот митинг не беше посочена ниту листа на кандидати за советници кои треба да бидат дел од советот на Општина Охрид. Дали причина што немаше листа е големото незадолоство во СДСМ од коалицијата со Народна, ЛДП и НСДП и што во првите седум места има само едно за членовите на СДСМ, дали причината е што месните организации на СДСМ не се консултирани за листата и листата е правена во координација само со централата во Скопје. Дали причината е што неколку видни охриѓани на кои им е понудено да ја водат листата го одбиле тоа свесни за поразот на СДСМ и Петрески во Охрид?“– запраша Митровиќ.
Како што рече тој, СДСМ пред да распука бетонот тврдеше дека причината за бојкот не е што немаат време за листи туку нивната одлука, очигледно не било така.
„Јасно е дека со ваквиот начин на појавување пред јавноста, Бранко Црвенковски и неговиот пулен Александар Петрески заедно со неговиот долгогодишен губитнички тим, повторно ја манипулираат јавноста и сакаат да добијат можност за уште четири години да можат да продолжат со нивниот деструктивен начин за уништување на Охрид. Но граѓаните на Охрид нема да ја пропуштат долго очекуваната можност да стават крај на осум годишното измачување и уништување на градот“. – истакна Митровиќ.
На крај Митровиќ уште еднаш рече дека Граѓаните на Охрид на 24 март ќе покажат и докажат дека се за дела, и дека преку тие дела спроведени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Охрид повторно ќе го врати својот сјај и ќе биде пристојно место за живеење.