Канческа-Милевска се сретнa со стипендисти на Министерството за култура

Од 2008 до 2013 година поддржана е едукацијата на околу 300 стипендисти. Минатата година 55 млади луѓе добија финансиска поддршка од Министерството за култура, а годинава поддржани се 40 кои своето образование го продолжија на некои од високообразовните институции во Бугарија, Австрија, Италија, Франција, Русија, САД и Англија.

Ова денеска го соопшти министерката Елизабета Канческа-Милевска по средбата со дел од корисниците на стипендии од Министерството за култура. Стипендистите изминатиот период како дефицитарни кадри во областа на филмот, театарот, музиката, танцот, литературата, ликовната уметност, заштитата на движното и недвижното културно наследство се доедуцираа на познати високообразовни институции во светот.

„Во просек во Годишната програма се поддржуваат околу 50 редовни постдипломски, докторски студии и специјализации во странство, со приоритет на студиите што ги нема во образовниот систем во нашата земја“, истакна Канческа-Милевска.

Од анализата што ја изработивме, како што рече, голем дел од стипендистите, по завршувањето на својата едукација се враќаат повторно во државата и стануваат дел од македонската уметничка сцена.

„Дел од нив се мошне активни како самостојни уметници кои успешно ја промовираат и афирмираат македонската култура во странство. Дел од нив, стекнатите искуства ги имплементираат како вработени во установите од областа на културата и на тој начин даваат придонес кон развојот и унапредувањето на културата во Република Македонија“, рече Канческа-Милевска.

Македонските уметници досега биле и се стипендисти на повеќе високообразовни институции – Метрополитен универзитетот во Лондон, Конзерваториумите во Виена, Русија и во Бостон, Чикаго Колеџот, Болоњскиот универзитет во Италија, Државната академија на театарска уметност во Санкт Петерсбург… Дел од стипендистите на Министерството за култура се Ирена Паскали, Александар Ношпал, Александар Коловски, Никола Узуновски, Вук Митевски, Александра Поповска…

Стипендистите изразија благодарност за поддршката што ја добиваат од Министерството за култура и можноста да се доедуцираат во повеќе високообразовните институции.