Банките во Македонија да го зголемат кредитирањето на компаниите и со тоа да го поддржат и растот на економијата. Ова е пораката од денешниот Регионален форум на гувернери и министри за финансии од регионот.
Според вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, има услови за зголемување на кредитирањето на фирмите од страна на банките.
„Ликвидноста на банките е на историски највисоко ниво. Адекватноста на капиталот е 17,1 процент, а нефункционалните кредити се 11,9 проценти и се со најниска стапка во регионот. Банките имаат простор да го зголемат кредитирањето на фирмите. Тој раст е 3,7 проценти и создадени се сите услови следната година да постигнеме повисока стапка од 7-8 проценти за да дадат поддршка на растот на инвестициите“, рече Ставрески на форумот во Скопје.
Тој истакна дека ако се земе предвид намалувањето на ризикот со оглед на закрепнувањето на европската економија и македонската економија и ликвидноста, банките имаат простор да ја подзасилат кредитната активност.
Најави дека ова ќе биде поддржано од страна на Владата со обезбедувањето на новата кредитна линија од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во износ од 100 милиони евра која е одобрена на бордот на банката, а за две недели се очекува законското решение да помине и во Владата и во Собранието на Република Македонија.
„Ова е добра поддршка за фирмите. А од друга страна ќе помогнеме и со зајакнувње на фискалната дисциплина за да се подори општата ликвиодноста во економијата“, рече министерот за финанасии.
Со порака до банките да го зголемат кредитирањето на фирмите беше и гувернерот на Народна банка на Македонија Димитар Богов.
„Амбиент за заживување на кредитниот раст има. Оваа година имаме солиден раст. Според проекциите, тој ќе биде над 3 проценти, а за следната година е дека ќе продолжи уште посилно“, рече Богов и додаде дека порастот е резултат на домашни фактори но за да биде посилен и одржлив треба да има закрепнување на европската економија.
Според него, банките имаат здрави портфолија и сега е само конкурентската борба меѓу нив за пласирање на средствата. Народната банка за поголема активност, рече, донесе повеќе мерки и тие досега ги даваат ефектите но оти има посилни фактори кои се кај банките.
Гувернерот смета дека придвижување на растот на кредитирањето ќе има, но оти не може да биде оптимист дека ќе има драматично подобрување.
Претседателот на Здружението на банкарство при Стопанската комора на Македонија Ѓорѓи Јанчевски истакна дека банките имаат своја деловна политика и критериуми при давање кредити.
Рече дека бројките на Централната банка покажуваат оти раст на кредитите кај населението има за 7 проценти, а кај компаниите е еден отсто.
„Намален раст на кредитирање на фирмите има цела година. Придвижување има од јуни годинава и нашите очекувања се дека ќе се оствари предвидениот раст на БДП од над 3 проценти“, рече Јанчевски и додаде дека не може да се очекува раст на кредитите од 10 проценти со стапка на раст од 3 проценти.
Потенцира дека процентот на лошите пласмани не е толку голем во земјата и оти кај населението е 6,9 проценти, а кај фирмите 14,9 отсто.
Гувернерот Богов одговарајќи на новинарско прашање за јавниот долг рече дека се уште е на умерено ниво и оти државата има способност да го отплата она што доаѓа во наредните години.
Како што соопшти Богов плафонот на лошите пласмани е достигнат во јули од 12,3 проценти и оти оттогаш тие се намалуваат.