Кривична пријава против 11 лица од Велешта кои каменуваа автобус од „Сприја“

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Насилство“, полициската станица од Струга, против вкупно единаесет лица, сите од струшкото село Велешта поднесе кривична пријава.

Кривичната пријава е поднесена против А.Х.(19), Ф.М.(20), Б.Ќ.(20) како и против малолетниците А.Ќ.(17) Ш.С.(18) В.Р.(18) Г.Т.(18) А.К.(18) Г.К.(18) Б.К.(18) и Ш.С.(18), ученици во средно училиште во Струга.

Оваа група, на 4-ти овој месец поттикната од последните настани во Скопје, изврши каменување на автобус на компанијата „Сприја“ што сообраќал на релацијата Струга-Вевчани. Притоа, со телесни повреди се здоби една патничка од Вевчани која по извршените лекарски интервенции во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, беше пуштена на домашно лекување.

Мотивирани од насилните случувања, инцидентите и физичките пресметки  во Скопје, единаесетчлената група околу 20 часот се сретнала во центарот на Велешта каде одлучиле да го нападнат и каменуваат автобусот. Потоа се упатиле кон месноста Суво поле во непосредна близина на магистралниот пат Струга-Дебар.

Тука го сочекале автобусот по што започнале да фрлаат со камења, бекатон плочки и со други тврди предмети оштетувајќи ги предните и страничните стакла како и автобуската каросерија. По извршениот напад и каменување, групата се разбегала низ селото, а дел од учесниците продолжиле да се забавуваат во интернет клубовите.

Полициските службеници од Струга и Велешта за кратко време ги идентификуваа сторителите. Со нив беа извршени разговори во присуство на претставник на центарот за социјални работи и адвокат за малолетници.