Министерот за надворешни работи Никола Попоски вчера оствари средба со амбасадорот Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија во Скопје.
На средбата било разговарано за актуелните прашања во односите меѓу Република Македонија и Европската унија, со посебен осврт кон Пролетниот извештај на Европската комисија и следниот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво.
Министерот Попоски го запознал соговорникот со тековните активности на Владата за остварување на Акцискиот план за почеток на преговорите меѓу Република Македонија и Европската унија. Посебен акцент бил ставен на активностите кои Република Македонија ги презема за унапредување на односите и соработката со земјите од нашето соседство. Тој изразил уверување дека Пролетниот извештај на Европската комисија ќе го рефлектира постигнатиот напредок, што би овозможило Советот на Европската унија во јуни оваа година да донесе одлука за почеток на преговорите со Република Македонија за пристапување кон Унијата.
Амбасадорот Орав ја реафирмирал поддршката на Европската комисија за отпочнување на преговорите за членство на Република Македонија во Европската унија, при што ја нагласи важноста од продолжување на реформската агенда и испорачување конкретни резултати, согласно заклучоците од состанокот на Советот на Европската унија од декември минатата година.