ВМРО-ДПМНЕ: Уште еднаш ќе го потсетиме Петрески на неодговорената тема-непотизам

„Откако Александар Петрески истури грст навреди за тоа кој е убавото, а кој грдото лице на Охрид, откога ја симна кампањата на ниво на двоцевка, лицемерно побара фер, коректност и љубов. Кога и тоа беше од нас прифатено, Петрески на отворањето на маалскиот штаб кај Отекс продолжи со навреди, недостоинствен говор и вицови на сметка на политичките конкуренти“, – истакна на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Митровиќ.

Како што кажа Митровиќ, за да биде кампањата фер и обострана уште еднаш ќе го потсетат Петрески на неодговорената тема – непотизам, за која што треба да даде одговор што е тоа грдото лице на Општина Охрид.

„Дали од СДСМ и градоначалникот Петрески ќе признаат дека грдото лице на Охрид е пресликано во непотизмот во редовите на СДСМ заради кој непотизам нема место за други членови. Дали ќе признае за Голем број на примери за непотизам кај вработените во локалната самоуправа?“ – запраша Митровиќ.

„Татко заменик директор на јавно претпријатие, син директор на Гимназија. Сопруг советник, сопруга нововработена во Локалната. Татко советник, ќерка вработување во Локалната. Брат градоначалник, брат вработен во локалната со обид за претседател на комисија за јавни набавки. Изразеното лицемерие, политиката на додворување и глумење пред јавноста не поминува. Можеби помина два пати во минатото но кај охриѓани не повеќе. Лицемерието само јасно ја покажува хаотичната ситуација во која се наоѓаат СДСМ и стравот на Петрески од веќе сигурниот пораз на локални избори“. – додаде портпаролот Митровиќ.

Како што вели Митровиќ, одговори никогаш не дале, кога веќе играат лицемерно и подло, секој ден ќе ги потсетуваат на грдото лице на Охрид кое го оставиле во сите сфери.

„Eве зборуваме за Охрид. Со одговор на овие прашања за непотизам всушност се согледува грдото лице на Охрид. Тоа е врвот на непрофесионалноста, неодговорноста и непринципиелноста кон Охрид. Новата локална самоуправа предводена од д-р Никола Бакрачески и советниците од листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе воведат високи стандарди на принципиелност, стручност и одговорност. Ете тоа ќе биде впрочем убавото лице на Охрид што ќе победи.“ – заврши Митровиќ.

Mitrovic2WebOhrid