Промовирана кампањата за безбедност на децата и младите на интернет „Сурфај безбедно“

Во рамките на почетокот на кампањата за безбедност на децата и младите на интернет „Сурфај безбедно“, Министерството за информатичко општество и администрација, заедно со претставници на други министерства и институции, одржа прес-конференција на која се промовираа активностите и содржините на кампањата. „Сурфај безбедно“ се фокусира на разбирање на ризиците и опасностите кои ги демнат децата и младите на интернет, како и на препораките за нивно навремено препознавање.

Република Македонија, заедно со многу земји во светот, формираше цврста коалиција на владини институции, приватни компании и тела на граѓанското општество кои имаат искуство во детската заштита. Формиравме Советодавното тело за заштита на деца и млади од нелегални содржини, кое подготви Акциски план за превенција и справување од ризиците и заканите од нелегални активности и содржини преку интернет. Преку реализација на овој план во периодот 2012-2014 година ќе ги координираме напорите за заштитата на децата и младите, ќе основаме Центар за побезбеден интернет согласно стандардите на Европската Унија и ќе креираме Национална стратегија за подобар интернет“. – рече во своето обраќање министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, претставувајќи ја кампањата рече дека таа се фокусира на две главни теми: Разбирање на ризиците и опасностите кои ги демнат децата и младите на Интернет, и Посочување препораки и совети до децата, младите, родителите, старателите и наставниците за умно, одговорно и безбедно користење интернет.

„Сурфај безбедно“ е замислен како патувачки караван, кој почнувајќи од следниот петок, од Велес, а завршувајќи до крајот на училишната година, ќе ги посети основните и средните училишта во Република Македонија.

„Покрај претставниците на нашето Министерство, на караванот ќе му се придружат претставници на УНИЦЕФ, на Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство, на Агенцијата за електронски комуникации и на невладиниот Интернет Хотлајн Провајдер“. – рече Арсовска Томовска.

Инаку, водичот за деца и млади, е дизајниран во форма на постер во македонска и албанска верзија, а ќе биде дистрибуиран во 1.200 примероци до сите основни и средни училишта во земјата. Водичот за родители, старатели и наставници, дизајниран во форма на информативен леток, ќе биде дистрибуиран во 120.000 примероци преку печатените медиуми.

„Би сакала да ги повикам родителите да обратат особено внимание на летокот. На задната страна е испечатен активациски клуч, преку кој можете да активирате софтвер за родителска контрола“. – додаде Арсовска Томовска.

Министерот за образование и наука, Панче Кралев, обраќајќи се до учениците порача дека треба да се сфати значењето на поимите „приватност“ и “углед” – нивната вредност и како тие да се зачуваат.

„Ќе кажете дека вашето знаење за тоа како работат компјутерите и интернетот, честопати го надминува знаењето на вашите родители и наставници. Така е! Но знаењето не е исто што и мудроста. Вашите родители, баби, дедовци и наставници тука можат многу да ви помогнат. Запомнете дека иако тие не се навикнати на новите технологии, имаат огромно животно искуство“. – рече министерот Кралев.

Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, се осврна на улогата на родителите кои ја имаат во поглед заштитата на децата.

„Ние како Влада имаме одговорност. Инвестираме во подигнување на свеста со цел да овозможиме негување на семејните вредности, безбедност во домовите и во училиштата и зголемување на ресурсите за спроведување на законите против злоупотреба на децата и детската порнографија“. – истакна министерот Ристовски.

Директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Орданоски, исто така ги предупреди целните групи за можните ризици и опасности од виртуелниот свет.

„Изработивме веб страна www.surfajbezbedno.mk, на која може да се преземе софтверот за Интернет филтрирање и родителска грижа, во македонска и албанска верзија. Со едноставно инсталирање на софтверот, родителите имаат можност во секое време да бидат во тек со она што нивните деца го гледаат на интернет“. – рече Орданоски.

На настанот свое обраќање имаше и словенечкиот амбасадор во Република Македонија, Бранко Раковец, а присутен беше и директорот на МПМ Македонија, Срѓан Керим, кој исто така ја помогна кампањата со печатење и дистрибуирање на флаерите преку печатените медиуми.