Кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ д-р Никола Бакрачески го посети паркингот позади градскиот пазар.
„Денес се наоѓаме пред уште еден споменик на лагите на градоначалникот во заминување и на луѓето од локалната самоуправа. Се наоѓаме на уште едно од стотиците и илјадниците локации на истрошени догми и празни фази и лажни и неостварени ветувања. Денес сме сите сведоци во 21 век наместо да ги согледуваме придобивките од она што многу одамна требаше да биде градено во сферата на урбанизмот во градот, се наоѓаме во ситуација да почнеме проекти кои што многу одамна требаше да бидат изградени. На ова место се кршеја копјата изминативе години околу изградба на катни гаражи, со што требаше да се реши проблемот со паркинг просторите не само во ова подрачје туку и во строгиот центар на градот. Наместо тоа имавме хаос и ужас во центарот на градот кои за сите вие бевте сведоци и не само охриѓани туку и туристите што доаѓаат во градот. Имавме ситуација на узурпација на улици, на тротоари и бевме сведоци на тотален хаос во сообраќајот и во уредувањето и на паркинг просторите“. – изјави Бакрачески.
Како што истакна д-р Бакрачески, тој ја презема одговорноста и должноста за овие неотпочнати и незавршени проекти, а секако еден од тие проекти е и изградбата на катна гаража.
„Ви ветувам на сите охриѓани дека на ова место ќе изникне современа катна гаража која што ќе биде во функција на организирање на паркинг просторот меѓутоа и на сообраќајот, на поадекватно одвивање на собраќајниот метеж во овој дел на градот што секако ќе придонесе да се регулира сообраќајот и во останатите делови на градот, посебно во централното градско подрачје. Покрај катната гаража на ова место ќе се изградат и други придружни објекти кои ќе бидат во функција на градското пазариште. Она што јас ќе го ветам и мојот тим тоа ќе биде остварено“. – додаде Бакрачески.