Петрески: Од Месечината се гледа лажната љубезност на Бакрачески

„Деновиве гледаме спотови од страна на ДПМНЕ и нивниот кандидат Бакрачески во кои се појавуваат сериозни интелектуалци од овој град, односно кампања која е плагијат на претходната која ја водеа со Кирил Трендафилов Нанче. Дека прават лицемерна политика и дека вршат класична злоупотреба на интелектуалецот зборуваат скандалите кои овие денови го тресат Универзитетот „Св.Апостол Павле“. ДПМНЕ со ваквото однесување прави класичен упад во автономијата на Универзитетот навредувајќи ги сите интелектуалци кои работат за нив. Во оваа прилика сакам да истакнам дека јас не се лутам на никој од луѓето кои што зборуваат во спотовите и кои се мои блиски пријатели, затоа што ги разбирам што значи притисок и диктаторско однесување од оваа власт. Ако Груевски можеше да натера уметници да зборуваат за Буџет, ако студенти беа тепани на градскиот плоштад во Скопје, ако професори протестираа против професори ништо повеќе не ме изненадува. – рече на денешната прес-конференција актуелниот и кандидатот за градоначалник на Охрид, Александар Петрески.

Петрески го обвини кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Бакрачески за тоа дека ги тера другите да зборуваат наместо него.

„Сакам да кажам дека од Месечината се гледа лажната љубезност на Бакрачески кој што ги тера другите луѓе да зборуваат место него, особено кога станува збор за обвинувања тој го гори вториот ешалон, односно советниците, портпаролите, со една цел за тој да остане пристојниот во оваа кампања. Факт е дека тој седи позади сите пресови и изјави на ДПМНЕ и дека неговата лажна љубезност, односно она што охриѓани го викаме подмуклост, е повеќе од очигледно“. – истакна Петрески.

PetreskiPress02WebOhrid