ВМРО-ДПМНЕ: Ќе потсетиме на најфлагрантните случаи на непотизам и бизнис интереси

На денешната прес-конференција, ОК ВМРО-ДПМНЕ се одлучи да ги потсети граѓаните за непотизмот и бизнис интересите, како што велат, за да знаат граѓаните што им се нуди како иднина.

„Креаторите на Зоки Поки програмата за Охрид од СДСМ во Охрид се на  власт веќе 8 години, но нивното партицирање на истата никако да се стави  во интерес на граѓаните на Охрид, туку напротив во интерес нa еден потесен круг на луѓе кои се дел од највисокото раководство на СДСМ во Охрид. Падот на Охрид е реализиран токму од тие луѓе кои освен закани, навреди и лаги кон и за политичкиот противник не кажа ништо друго за Охрид. Ќе потсетиме на најфлагрантните случаи на непотизам и бизнис интереси за да можат граѓаните да видат што ни се нуди како иднина.

Градоначалникот Александар Петрески, прво го вработи во Општината својот брат Здравко Петрески, а потоа сакаше да го постави и за Претседател на комисијата за јавни набавки која што требаше да спроведе постапка за улично осветлување во градот Охрид. Овој чин остана запаметен по славната изјава на Петрески: Ќе го поставам, брат ми е најдобро ќе ме чува? Што и од што требаше да го чува? Оваа постапка беше спречена со иницијатива до Антикорупциската комисија.

Друг пример за непотизам преставува и фамилијата Рилковски во која што синот Наум Рилковски е директор на охридската Гимназија, таткото Никола Рилковски има висока функција во Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“ и е поранешен пратеник на СДСМ, а зетот Боро Шаин е директор на Јавното претпријатие „Билјанини извори“. Во кое поглавје од нивната Зоки Поки програма се опишани овие настани?  Натаму, членови на семејствата на поранешни и сегашни  високи функционери на СДСМ од Охрид се вработени во Јавните претпријатија или во општина Охрид. Сопруга на координаторот на советничката група Тунтев, синови и ќерки на советници од мнозинството, синови и ќерки на директори на Јавни претпријатија.

Како плус на тоа најголем дел од тендерите кои одат преку локалната самоуправа за патнички превоз ги добива компанијата „ПУПЕ“ компани, која што е во сопственост на близок роднина  на Бранко Црвенковски. Веројатно во нивната Зоки Поки програма има посебно поглавје за бизнис шеми.

Ова се само дел од примерите кои укажуваат дека во Охрид, покрај сомнителното финансиско работење на општината Охрид, за што сведочат извештаите на Државниот завод за ревизија се почесто се случува и практикува непотизам во високите структури на СДСМ Охрид во услови кога Јавните претпријатија имаат проблем со својата ликвидност и не можат да исплатат плата на вработените, а општината веќе должи над 30 милиони евра.

Овие ли ни нудат ИДНИНА во Охрид!? Ваква ли е ИДНИНАТА на Охрид !?

Нити ние како Партија нити граѓаните нема да дозволат ако ова беше вистината за 8те изгубени години, тоа да биде и иднина. Поддршката кон Бакрачески како нов Градоначалник и кон советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Советот ќе биде доказ дека Охрид ќе раскрсти со непотизмот, бизнис шемите, тајфите, личните интереси. Во Охрид ќе има иднина со посветеност и дела!“ – истакна портпаролот на ОК ВМРО-ДПМНЕ Охрид, Никола Митровиќ.