Бакрачески: И после 8 години локалниот економски развој е се уште на ниво на хипотези, теории и некакви дисертации

Кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ д-р Никола Бакрачески, денес одржа прес-конференција. На конференцијата д-р Бакрачески ја обвини Локалната самоуправа, за како што кажа тој, во изминатите 8 години локалниот економски развој е се уште на ниво на хипотези, теории и некакви дисертации.

„Долги 8 години во Локалната самоуправа кај луѓето кои што се задолжени да го водат овој сектор, се уште не гледаме ниедна реална инвестиција, не гледаме ниту желба, ниту активност, а ниту било каква реална стратешка рамка за тоа како да се однесуваме кон постојаните инвестициски зони“. – рече Бакрачески.

Како што истакна Бакрачески, нивниот пристап кон локалниот економски развој во Охрид, ќе биде дијаметрално спротивен.

„Ќе има проактивна улога, ќе е базиран на реални основи и професионални експертизи и ќе се состои во преземање на низа економски активности преку ефикасно користење и адвекатна распределба на средствата од Општина Охрид и од буџетот на РМ, се со цел да се овоможи економски раст и развој на општината, да се креира сигнификантен број на нови работни места и сето тоа да води кон подобрување на економската и социјалната ситуација на луѓето кои што живеат и творат во Охрид“. – додаде Бакрачески.

За да се остварат овие предуслови, а со цел да се забрза локалниот економски развој, во програмата на ДПМНЕ е предвидено да се подобрат некои состојби.

„Тоа се пред се развој на индустријата и стопанството, со поддршка на малите и средни претријатија, унапредување и развој на туризмот и културата, средување на урбанистичките активности и заштита на животната средина, подобрување на комуналната хигиена и хортикултурното уредување на градот, сигнификантно подобрување односно унапредување на народната соработка на градот и секако унапредување на земјоделието и агро бизнисот“. – нагласи Бакрачески.

ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот за градоначалник, Бакрачески, во насока на овие заложби, а со цел подобрување на економскиот развој ќе пристапат кон следните проекти. Прв проект ќе биде ревизија на стратегијата за локален економски развој, ќе формираат економски совет на општината кој ќе биде составен од локалната администрација, од бизнис заедницата, односно работодавците и научната фела. Ќе се организираат денови на македонската дијаспора од наши исленици кои претежно се од Охрид или од околните населени места. Во програмата е предвидено и да се отвори нова индустриска зона на потегот помеѓу излезот на Охрид и селото Лескоец, и следен проект ќе биде градски трговски центар по примерот на Скопје Сити Мол во кој што ќе се доведат најпознатите светски брендови.

WebOhrid