Бакрачески: Градот мора да има беспрекорно организирани улици и тоа ќе биде еден од нашите главни фокуси

„Додека Локалната самоуправа на Охрид и градоначалникот во заминување долги 8 години ги заборавија реалните, инфраструктурните потреби и проблеми на Охриѓани, а улиците во градот ги претворија во базени преполни со вода после првите капки дожд, времето го потрошија на креирање детални урбанистички планови и креирање на начини за експериментирање со паркинг просторите низ градот. Наместо целосни, издржани и комплетни идејни решенија и проекти,  резултатите од нивните „експертски“ преземања  беа минималните, инсуфициентни и импровизирани зафати претежно до 2009 година  со кои не само што не успеаа да одговорат на минималните потребите на граѓаните, ниту да ги оправдаат можностите според Буџетот на Општината, туку ја доведе во прашање и безбедноста на пешаците и другите учесници во сообраќајот. Немањето на интервенции во последните 4 години доведе Охрид да остане без најважниот елемент –  убаво уредени, асфалтирани улици и безбедни улици и тротоари.“ – обвини на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник од  коалицијата За подобра Македонија, д-р Никола Бакрачески.

Како што истакна Бакрачески, состојбата на главните артерии на градот улиците 7 Ноември, Питу Гули, Јане Сандански, Абас Емин не доликувале на туристички центар каков што е Охрид.

„Затоа веднаш по превземањето на функцијата Градоначалник ,ќе ја  мотивирам локалната администрација и задолжените од надлежните Сектори во Општините да превземат се, во најбрз можен рок да се направи ребаланс на Буџетот за 2013 години и да се подготви документација за работа на следните инфрастрултурни проекти  :

Реконструкција и надградба на улиците Питу Гули со краците на истата улица,  улицата Абас Емин, улицата Мирче Ацев, улицата 7-ми ноември, улиците и краците Радојца Новичиќ и улицата Живко Чинго. Секако дека активно ќе интервенираме и на другите улици па затоа ќе изградиме и пешачка патека  и патеки за велосипедисти на улицата Асном, познатата и опасна „110-ка“ за што во програмата предвидуваме 3.000.000 денари од Буџетот на Општината,  ќе изградиме и тротоари на улицата Ристо Чадо за безбедно движење за што се предвидени 6.100.000 денари во Програмата. Исто така ќе инвестираме 12.500.000 денари за изградба на пешачка патека Охрид-Рача-Св.Стефан.“ – додаде Бакрачески.

Д-р Бакрачески смета  дека улиците по кои секојдневно се движат граѓаните се главните артерии на градот и тие мора да се во беспрекорна функција.

„Денот на секој наш сограѓанин почнува токму после прагот, токму на неговата улица. Ќе се погрижиме да го олесниме тоа движење, да го разубавиме и секако прилагодиме на потребите на модерен Охрид. Градот мора да има беспрекорно организирани улици и тоа ќе биде еден од нашите главни фокуси затоа што тоа е најважен интерес на граѓаните“.– нагласи кандитатот за градоначалник д-Бакрачески.

Д-р Бакрачески како кандидат за Градоначалник и кандидатите за советници на листата на ВМРО-ДПМНЕ како што рече секогаш ќе ја имаат пред нив потребата на граѓаните  и ќе бидат посветени да им овозможат подобри услови за живеење во сите сфери од нивната  надлежност.

„И заради таа посветеност ние ја очекуваме и веќе ја чувствуваме поддршката на граѓаните и заради таа посветеност ние ќе победиме на 24 Март и ќе отпочнеме нова ера на развојот на Охрид.“-потенцира Бакрачески.

WebOhrid