Канческа-Милевска го посети манастирскиот комплекс „Св. Атанасиј“ во Лешок

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ денеска го посетија манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ во Лешок, каде што се сретнаа со митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф. Во рамките на посетата министерката Канческа-Милевска најави три активности за заштита на дел од спомениците на културата во ова важно духовно, културно и историско седиште во Тетовско, и тоа: обновување на внатрешноста на конаците, отстранување на влагата од црквата „Света Богородица“ и обнова на старата манастирска црква што се наоѓа на два километри од манастирскиот комплекс „Свети Атанасиј“ во правец кон планинското село Варвара.

Проектите ќе ги спроведува Националниот конзерваторскиот центар и тие ќе бидат подготвени во текот на оваа година, а реализацијата треба да почне на почетокот од следната година. На црквата „Света Богородица“, во која претходно е реставриран фрескоживописот, уште ова лето ќе се интервенира во заштитата на нејзината архитектура каде што се појавила влага, додека на манастирскиот конак досега се обновени фасадата и покривната конструкција. ­Во согласност со барањата на владиката, испочитувани се сите барања во делот на изработката на самиот проект.

„Во проектот ќе има реновирање на сите простории, вклучувајќи ја и црквата, спомен-собата на Кирил Пејчиновиќ и сите оние придружни содржини што се во самиот конак“ – изјави министерката Канческа­-Милевска. Благодарност до надлежните институции за преземените активности упати надлежниот митрополит на тетовско-гостиварската епархија на МПЦ – ОА, г. Јосиф. ­ Лешок е срцето на нашата епархија.

„Дај Боже набрзо во овој манастир да заживее монашкиот живот и манастирот да ја добие вистинската смисла за она што е “-рече  Јосиф.

Министерката Канческа­-Милевска најави дека ќе продолжат и останатите нивни проекти во Тетовско, како што се: изградбата на новиот објект на театарот и библиотеката во Тетово, поврзувањето на Шарената џамија со амамот со мост, археолошките и работите на конзервација и реставрација на Тетовското кале и почнување на слични активности и на Лешочкото кале, како и поддршката на многуте сценско­-музички, театарски и фолкорни активности во регионот.

Во однос на оштетувањата на дел од спомениците во Скопје за време на протестите во изминатиот период, министерката Канческа-­Милевска најостро ја осуди таа постапка на уништување на нашето културно наследство, пред се, на нашиот идентитет. Според неа, треба да се почитуваат сите вредности без разлика дали се создавани во изминатиот период, сега или во иднина и сите ние треба да дадеме придонес кон зачувување на нашето културно наследство, на нашата култура, на нашиот идентитет, а не да одиме во насока на уништување.

„Јас сум горда на сето она што го поседуваме како историска вредност, како уметничка, како културна вредност и навистина сакам да изразам огромна благодарност за функционирањето на нашите институции и на сите вработени и сите уметници кон почитувањето на нашите историски и културни дела. Сметам дека треба да одиме во насока на негување на сето она што го создаваме и сите да одиме во таа насока на негување, на почитување, на валоризација, на вреднување бидејќи, сепак, без разлика дали нешто е создавано во претходните генерации, во сегашните и во идните, треба да продолжиме во таа насока на зачувување на она што го имаме“ – рече Канческа-­Милевска.