Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев на денешната прес-конференција истакна дека Владата е силно посветена во борбата против организираниот криминал и корупцијата, тоа е приоритет во кој најважни принципи се владеењето на правото и доследна примена на законите.
Притоа за нас подеднакво важно е лицата кои се обидуваат да вршат криминал да бидат спречени во нивните дејства, оние пак кои сториле криминал и криминални активности да се соочат со санкции и казни за нив, но и по осудувањето и правосилноста на судските пресуди на истите сторители на кривични дела да им биде одземен противправно стекнатиот имот.
Ја информираме јавноста дека Владата на Република Македонија, преку Агенцијата за управување со одземен имот ја започна финалната фаза на целосно спроведување на правдата во случајот шверц на цигари во случајот „Јака Табак“ Радовиш и во случајот Тутунски Комбинат Прилеп, при што е започната и се одвива постапка за конфискација и одземање на нелегално стекнатите имоти на осудените во овој случај.
Прво, по правосилноста на пресудата во случајот за криминал во тутунскиот бизнис сторен во Јака Табак Радовиш, пресуда со која е констатирано дека раководството, односно директорите на оваа фирма, како и поранешениот директор на стоковите резерви Радован Поповски, и други 13 лица, во периодот од март 2001 година до март 2007 година, во повеќе наврати извршиле нелегални активности, малверзации при производство на цигари и тутун, притоа изигрувајќи ги законските процедури, покрај тоа што сторителите се осудени на затворски и условни казни, дополнително осудената група се обврза и задолжи солидарно да ја надомести штетата од незаконското работење во износ од 161 милион денари, или околу 2,5 милиони евра штета која е предизвикана кон Република Македонија.
Владата преку Агенцијата за управување со конфискуван имот веќе отпочна со постапка на лоцирање и проценка, и комплетен попис на нелегално и противправно стекнатиот имот на обвинетите по што ќе уследи конфискација на имотот на осудените.
Во вториот случај за Тутунскиот Комбинат Прилеп првообвинетите, односно екс директорите на Тутунскиот Комбинат Тони Мицајков, Димитар Богдан и управителот на Тутунскиот Комбинат Илија Нунески, како и шефот на обезбедувањето Круме Спиркоски, и уште други седум лица беа правосилно осудени со затворски и условни казни, и беше констатирано дека во периодот од 01.01.2005-та година до 31.03.2006-та година извршиле кривично дело даночно затајување, со што го оштетиле буџетот на државата во износ од 456 милиони денари, или над 7 милиони евра.
Владата, преку Државното правобранителство, успеа во судска постапка да докаже дека раководните лица на Тутунскиот Комбинат Прилеп преку организирање на единаесет члена се обиделе целосно да го одбегнат плаќањето на акциза и данок на додадена вредност, за што биле обврзани со Законот за акциза и Законот за додадена вредност, дале лажни податоци за други факти кои се од влијание за утврдување на ваквите обврски, лажно прикажувајќи дека дел од произведените цигари во количина од 516 илјади килограми се извезени во странство иако знаеле дека истите се истоварале на непознати места во Република Македонија, факти кои беа потврдени со правосилна судска пресуда.
За ваквите незаконски дела екс директорите, управителите и обезбедувачите, и другите осудени лица во случајот Тутунски Комбинат Прилеп се обврзаа и задолжија солидарно да ја надоместат штетата од незаконското работење во износ од 456 милиони денари.
Врз основа на ваквата судска пресуда, Агенцијата за управување со конфискуван имот започна постапка на конфискација на имотот на осудените. Досега од осудените одземен е имот во износ од 550 илјади евра, поголемиот дел готови пари кои се наоѓале во личните сефови на обвинетите. Дополнително се одземени акциите кои обвинетите ги поседувале во Тутунскиот Комбинат Прилеп и во други фирми. Конфискувани се и вкупно 2 400 пакети на шверцувани цигари, во вредност над 10 милиони денари, кои требале да бидат предмет на незаконска препродажба.
Исто така, во постапка на конфискација е имотот кој се верува дека му припаѓа на екс директорот Димитар Богдан, и тоа куќа во центарот на Прилеп со површина од 200 метри квадратни, како и луксузна викендичка со дворно земјиште од 2500 м2 во местото Беловодица. Во постапка на конфискација е и стан во Скопје кој го поседува семејството на Тони Мицајков, како и луксузна куќа во Ореовец во сопственост на Круме Спирковски еден од осудените во оваа афера.
Сакаме и во овој и во другите случаи да порачаме дека секој обид за изигрување на законите и избегнување на правдата, преку правни лавиринти и препишувања на имот на сторителите на кривични дела на блиски нивни лица од семејството или опкружувањето и тоа по отворањето на постапките, нема да помине. Правдата ќе исплива на површина, а најдобар доказ за тоа е случајот со Иснифарис Џемаили, каде што по 7 години правна борба, државата успеа да докаже дека Џемаили се обидел да го изигра законот препишувајќи ги своите имоти на трети лица, и успеа да ги одземе тие имоти и да ги конфискува.
Сите овие постапки се порака од државата до лицата кои имаат намера да се занимаваат со криминал дека она што го стекнале на незаконски начин ќе им биде одземено и нема да може да го задржат.
Средствата од одземениот имот и во двата случаи на тутунски криминал, како и во другите случаи одат во Буџетот и со нив, наместо да одат во приватни лични џебови, ќе се задоволуваат потребите на граѓаните, и ќе се користат за образовни, здравствени, инфраструктурни потреби на граѓаните, за плати, пензии и останати потреби.
Ова се два случаи на расветлување на тутунскиот криминал каде правдата се спроведува на дело што е доказ дека нема калкулации ниту никаков простор за колебање во борбата против криминалот.