Бакрачески: Локалната самоуправа мора да биде симбол на квалитет, чесност, принципиелност и законитост

Кандидатот за градоначалник од коалицијата За подобра Македонија, д-р Никола Бакрачески на денешната прес-конференција разјасни некои тенденциозни конструкции, измислици и невистини кои како што рече се пласирале меѓу вработените во општинската администрација и вработените во јавните претпријатија како една од стратегиите за заплашување планирана од градоначалникот во заминување.

„Имено кај вработените во локалната и во јавните претпријатија се пласира тенденциозна невистина  дека со доаѓањето на  Бакрачески Никола и ВМРО-ДПМНЕ во локалната самоуправа и во јавните претпријатија кои произлегуваат од нејзе ќе почнеле масовни отпуштања од работа на вработените. Бакрачески Никола во својата кариера не се случило да отпушти нити еден вработен од работа. Бакрачески Никола е познат по тоа што вработува луѓе. И не само тоа, Бакрачески Никола е човекот кој во 2007/2008 година ги врати на работи во Заводот за кардиоваскуларни заболувања најголем дел од луѓето кои во текот на 2004 година беа бездушно избркани од работа и оставени на улица од страна на истомислениците  на Петрески  иако беа социјално најзагрозени категории на граѓани не покажувајќи ни грам совест и грижа за нивните маки и јадови. Јас како Директор на Заводот за Кардиоваскуларни заболувања од Охрид не се случило да не исплатам ниту една плата, не се случило да закаснам ниту една плата, не се случило да не исплатам ниту еден денар за ниту една  минута од ангажманот на моите вработени било тоа да е во редовно или прекувремено работно време“. – истакна Бакрачески.

Бакрачески упати јасна и недвосмислена порака до вработените во локалната и јавните претпријатија кои произлегуваат од нејзе и дека тој како иден градоначалник нема намера  да отпушти од работа вработени, туку напротив ќе даде се од себе заедно со неговиот тим истите  да почнат  да земаат редовна и   полна плата, а не онака како што до сега тоа го правела локалната самоуправа и директорите на јавните претпријатија кои со месеци не им исплаќале ни денар или им исплаќале минимални средства како да делеле милостина, а не регуларна плата за нивната чесна, макотрпна и напорна работа. 

„Освен тоа, никогаш повеќе тоа нема да биде администрција која се користи за пополнување на протести, митинзи и автобуси туку ќе биде администрација за респект. Јас знам дека месециве наназад, вработените во општинската администрацијата беа малтретирани, тероризирани, живееа под закани и уцени при што јасно укажувам дека тое недозволливо и дека никогаш повеќе нема да се повтори. Нити кон нив, нити кон вработените во јавните претпријатија, нити кон вработените во образованието. Газењето врз  нивното достоинство е срам за оваа гарнитура на Локалната самоуправа и овој Градоначалник и јас ќе се ставам во нивна заштита. Сите кои  посегнале да им прават мобинг на работните места, кои  им се заканувале, ги заплашувале и уценувале со нивната работа или по нивната плата и примања ви ветувам дека ќе бидат санкционирани без исклучок и нема да има простување“. – додаде Бакрачески.

Како што кажа Бакрачески, Петрески вчера продолжил да ги навредува  граѓаните на Охрид, интелектуалците, докторите, занаетчиите, културните работници, ја проширил својата листа со навреди кон неговите вработени и плукнал на сето она што тој со нив макотрпно, посветено и напорно го градел со години многу често жртвувајќи го своето слободно време одрекувајќи се од своите задоволства за да спаси илјадници и илјадници животи во кое било време од денот и ноќта. 

„Ги навреди и вработените во Костозглобна Болница која заедно со Кардиолошкиот Завод се најуспешни приказни во јавното здравство на Р. Македониј-  на тие што му го нафрлаа текстот, тоа требеше да им биде кристално јасно.  Истите принципи и постулати, со кои јас го водев Заводот за Кардиоваскуларни заболувања од Охрид имам намера со уште посилно  темпо , крајно посветено  и раководен исклучиво од  љубов кон Охрид  имам намера да ги спроведам во функционирање на идната нова и европски ориентирана локална самоуправа и јавните претпријатија кои произлегуваат од нејзе“. – потенцира Бакрачески.

Локалната самоуправа Охрид  како што истакна Бакрачески, ќе стане пример како посветено и одговорно се управува со градот.

„Таа мора да биде симбол на квалитет ,чесност, принципиелност и законитост. Во таа посветеност прв и основен сегмент треба да биде начинот на работа на општинската администрација. Секој во својот дел, во своето Одделение, во својот сектор ќе ги извршува работните задачи согласно законот и максимално ќе одговори на барањата на градот и граѓаните. Администрацијата ќе биде деполитизирана и професионална како што доликува и согласно законот, и исклучиво ставена во сервис на граѓаните на Охрид. Како таква ќе ја реорганизираме, систематизираме, посветено и одговороно ќе работиме и како таква Охридската администрација ќе биде  најдобрата. Од таму ќе започне преродбата на Охрид и таму ќе се креира иднината на градот, затоа што ништо не е поважно од Охрид. Ние победуваме на 24 Март  и веднаш почнуваме со процесот на обнова на вредностита на Охрид“. – рече кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ д-р Никола Бакрачески.

Bakraceski2WebOhrid