Платформата на која е монтирана и натоварена огромната дупчалка која ќе го истражува дното на Охридското Езеро, веќе е подготвена и ја чека командата на главниот кормилар – извршниот директор Крис Делахунти од американската фирма DES (DOESECC Exploration, LLC) со седиште во Солт Лејк Сити, Јута, Соединетите Американски Држави.
Овој Американец – експерт за вакви проекти и истражувања ни откри дека своите услуги ќе ги сработи за германската специјализирана фирма ICDP, која пак во соработка со нашата македонска Влада, Геолошкиот завод и Хидробиолошкиот завод од Охрид, земените мостри на различни седименти од дното на езерото ќе ги испрати во лабораторијата во Бремен (Германија) каде што ќе бидат предмет на стручна и детална анализа.
Американецот, со својот истражувачки и оперативен тим ќе остане овде до половината на април, за повторно да дојде во месец мај и како што рече да ја завршат предвидената работа до месец јули.
„Oва е навидум сложена операција и голем проект, бидејќи овде првпат се изведува, но за нас тоа е веќе рутинска работа. Ние како тим имаме големо и бројно искуство со вакви истражувања речиси во целиот свет. Ова го работиме повеќе од 20 години и насекаде каде што сме биле сме успеале да извадиме доволно материјал за во понатамошна обработка и процедура да бидат утврдени нови научни откритија и сознанија за истражуваното езеро или воопшто за предметот на истражување. Затоа и сме повикани од државите и надлежните институти и институции, како врвни стручњаци во проекти од ваков тип. Сме биле во Гана, Јужна Африка, Кина, во повеќе земји на Европа. Денес сме овде и нашата работа продолжува со нова истражувачка мисија. За резултатите ќе почекате неколку месеци, тогаш со голема сигурност ќе може да се каже колку точно е старо ова езеро; каква подлога се наоѓа на неговото дно; кој состав на тлото е актуелен и какви промени настанувале во милениумскиот период, односно што влиаело на тие промени.
На нашите прстенести дупчалки кои за почеток ќе допрат до над 800 метри длабочина, ќе се залепи поленот, односно поленовите честички кои на еден начин претстауваат своевидна ДНК на тлото кое е предмет на истражувањето. Тој полен ќе ни ја одгатне приказната за сите прапочетоци и промени кои настанале по настанокот на Охридското Езеро“. – истакна Крис Делахунти.
Прашавме, колку е опасно да се внесе една ваква платформа на средина на езерото, имајќи ги предвид водените струи и други непогоди кои можат да го снајдат езерото.
„Таква опасност е исклучена, затоа што ние со начинот на кој ја монтираме платформата имаме безбедни услови. Платформата е поткрепена со 4 анкери кои се закотвени на растојание од 7 метри и не дозволуваат сериозни поместувања на платформата, туку напротив со својата симетричност го амортизираат секој несакан удар од дното или од водената струја. Досега никаде не сме имале проблем по безбедноста на работниците, а се надеваме и овде се да излезе според планираното“. – рече Делахунти.
Го запрашавме Американецот дали испитувањето има и друга скриена цел, на што добивме одречен одговор:
„Ние немаме таква цел, а дали постои таква цел… прашајте на друго место“. – додаде Делахунти.
Во меѓувреме се обративме и во Хидробиолошкиот завод во Охрид, каде ни потврдија дека се работи за истражување на староста на езерото.
Досега е потврдена староста од 150 000 години, но со овој проект треба да се потврди неколкумилениумската старост на едно од најстарите природни езера во светот. Според поранешниот директор на Хидробиолошки, овој проект е започнат во 2010 година, но поради немање на финансиска поддршка беше прекинат. И сега, сета ангажираност и материјална и финансиска е од германската фирма ICDP, која ангажирала англиска платформа и американски оперативци за извршување на активностите. Се претпоставува дека пред милион години овде еруптирала вулканска лава, а тоа и треба да го докажат поленовите честички кои остануваат неразложени и може да бидат потврда на милениумската старост на Охридското Езеро. Во проектот кој добил одобрение од македонската влада, ќе учествуваат и македонски истражувачи чие ангажирање ќе биде непроценливо искуство.
Во oфицијалното соопштение за медиумите, г-ѓа Сузана Патчева, актуелната директорка на Хидробиолошкиот завод од Охрид, меѓу другото ни ги понуди и овие податоци:
„Идејата за проектот се базира врз прелиминарните сеизмолошко-седиментолошки истражувања обавени во Охридско езеро во периодот од 2004-2011 година. Во овие истражувања во кои беа добиени седиментни секвенци направен беше пресек на геолошките “случувања” за периодот од последната глацијација односно интерглацијален циклус. Резултатите од овие истражувања всушност ја потврдија претпоставката дека Охридско езеро може да се смета за потенцијален објект за започнување на длабочинско дупчење врз основа на кое:
1. ќе се утврди уделот на геолошките случувања од минатото на главните еволуциони процеси во езерото кои генерирале екстремно висок диверзитет и ендемореликтен карактер на животинската и растителната населба во езерото:
2. ќе се добијат резултати за тектонските и вулканските промени но и промените во климатските услови во централниот и северниот дел на Медитеранот, и
3. ќе се добијат попрецизни информации за староста и потеклото на Езерото.
Дупчењето ќе биде вршено на 5 точки на езероското дно кои се избрани врз основа на сизмичките, седиментолошките и тектонските испитувања обавени во периодот од 2004-2011 година.
Главен истражувач на проектот е Д-р Бернд Багнер (Bernd Wagner) од Институтот за геологија и минерологија при Универзитетот во Келн, Германија.
Проектните активности се планирани да траат 60 (евентуално 75) дена во периодот од 1 април до 17 јуни 2013 година. Опремата која ќе биде користена при дупчењата (платформата, дупчалката и другата опрема) е со сите потребни сертификати за квалитет и безбедност. Во текот на склопување на платформата и дупчалката нема да има никакви градежни зафати од траен карактер. Целокупната опрема се третира како привремен увоз (АТА Carnet) и по завршувањето на проектните активности ќе биде испратена назад до компанијата која е сопственик и подзиведувач на активностите (DOSECC-Drilling, Observation and Sampling of the Earths Continental Crust).
Официелниот почеток на проектот е предвиден за 1 април, додека еден ден порано, на 31 март планирано е поставување на платформата на првата од вкупно 5 истражувачки точки. За сите поединости поврзани со проектот планирана е прес конференција и кратко предавање од страна на Д-р Бернд Вагнер во периодот од 1-3 април 2013 година.” – истакна Патчева.
И покрај ваквите појаснувања од надлежните, сепак останува љубопитноста и прашањето кое бара одговор на загатката што уште може да се истражи и испита со овој несекојдневен проект во кој со македонско одобрение и соработка, а според германски план, на англиска платформа ќе истражуваат американски експерти- оперативци, а пронајденото ќе го анализира германска палеонтолошка лабораторија од Бремен која резултатите би ги соопштила по неколку години!?
Засега, нам на охриѓани и на Македонците ни останува да се надеваме дека целите на овој проект се доблесни и добронамерни.