Бакрачески: Без разлика на оваа политичка кампања, останувам посветен на професијата

„Се наоѓаме на местото каде што на директен и непосреден начин во текот на изминатите 6 и пол години откако е отворен одделот за интервентна кардиологија беа спасени животите на илјадници, илјадници граѓани не само од Охрид, Струга, Кичево, Битола, Ресен, Дебар, туку и на граѓаните на поширокиот регион на целатата република и од граѓаните на соседните градови на Албанија“. – изјави кандидатот за градоначалник од коалицијата „За подобра Македонија“ д-р Никола Бакрачески во Заводот за Кардиоваскуларни заболувања во Охрид.

Бакрачески упати јасна и недвосмислена порака до сите негови пациенти, како и сите граѓани од Охрид и граѓаните на Македонија дека и понатака без разлика на оваа политичка кампања останува посветен на професијата. Како што има ветено во неговите јавни настапи, д-р Бакрачески уште еднаш повтори дека најмалку еднаш во неделата ќе работи токму во оваа катеризациона лабораторија, и ќе изведува 5 до 7 интервентни процедури.

„Особено сум горд на тимот кој што стои позади мене. Ќе бидам секогаш достапен за консултации и секако она што изминативе 6 и пол години го правев заедно со мојот тим ќе бидам во било кој период од денот и ноќта, и во празник, викенд. Овие луѓе позади мене со уште неколку членови од тимот бевме тие кои што изминативе 6 и пол години се ставивме во служба не само на граѓаните на Охрид и Македонија, туку и на соседна Албанија. Ова е тимот кој што не го штедеше своето слободно време, често се одрекуваше од своите задоволства, за нив не постоеше викенд, не постоеше ден, ноќ, во било кој период од денот доаѓаа секогаш пред да стигнат пациентите. Макотрпно работат, го покажаа своето знаење, искуство. Јас сум горд на нив и можам да ги уверам граѓаните на Охрид и граѓаните на Македонија дека овој е тим кој што може да одговори на сите предизвици во интервентната кардиологија, меѓутоа не само во интервентната кардиологија, туку сум горд и на целиот останат персонал почнувајќи од докторите, медицинските сестри, техничарите, болничарите, помошниот технички персонал“. – истакна д-р Бакрачески.

Како што рече кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ д-р Бакрачески, Заводот за кардиоваскуларни заболувања доживеал рапиден раст и развој како ретко која институција не само во Македонија туку и во Европа, луѓе кои како што кажа Бакрачески, овозможиле бројот на здравствени услуги да порасне зависно од кабинет во кабинет или оддел во оддел за 300 до 500%, а во одредени оддели бројот на услуги е над 1000 %.

WebOhrid