„Желба“ го одбра Бакрачески за нов градоначалник на Охрид

Охридското Супер радио, како што вети, вечерва по 19:00 часот го објави „изборот“ на рипката Желба за градоначалник на Охрид.

Златната рипка Желба пред два дена „го бираше“ својот фаворит меѓу двајцата најсериозни кандидати за градоначалници на Охрид, Александар Петрески од „Сојузот за иднината“ и д-р Никола Бакрачески од ВМРО-ДПМНЕ, кои според последните рејтинзи имаа најголеми шанси да седнат во првата фотелја на градот под Самоиловите тврдини.

Откако неколку минути се колебаше каде да тргне и од кој дел на поделениот аквариум да земе храна, Желба сепак тргна кон делот кој беше обележан со сликата и партиските бои на кандидатот за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ д-р Никола Бакрачески.

„Целата акција беше направена во само два-три дена, после последните, немили случувања во Охрид. Сакаме да дадеме еден скромен придонес како медиум во смирување на страстите и затоа се одлучивме за една ваква акција по примерот на октоподот Пол кој ги предвидуваше резултатите на Светското првенство во фудбал во Јужна Африка“, вели главниот и одговорен уредник на Супер радио Сашо Митаноски.

Според Митаноски, Желба имала поголемо помнење од останатите златни рипки, кои нели помнеле само две-три секунди.

„Нашата Желба ќе ги помни долго и сите ветувања кои ги дадоа кандидатите за време на кампањата и ние редовно ќе го потсетуваме новиот градоначалник на истите“, истакна Митаноски кој додаде дека рипката Желба и посебно дизајнираниот аквариум за оваа намена по изборите ќе бидат подарок од Супер радио за новиот градоначалник.

Во 19:00 часот беа затворени сите гласачки места со што заврши и изборниот ден во Република Македонија, на петтите по ред локални избори.