Јанкулоска: Ги имавме најдобрите и најчистите избори досега

Дозволете најпрвин да им честитам на сите граѓани на Република Македонија бидејќи истите покажаа храброст и одважност и покажаа и докажаа дека имаат висока демократска свет.

Според сите показатели, заедничка е оценката дека веројатно ги имавме најдобрите и најчистите избори досега. Сите заедно треба да бидеме горди на фактот дека Република Македонија недвосмилено демонстрираше дека местото и е во Европската Унија.

Задоволство ми е да ви ги соопштам последните вести кои пристигнаа во штабот кои гласеа дека избирачките места се затвараат без никакви пријавени инциденти.

Локалните избори 2013 година, се одвиваа во мирна, фер и демократска атмосфера. Не е регистриран ниту еден посериозен инцидент, така што и немаше потреба од посериозни полициски интервенции. Гласањето на избирачките места се одвиваше без проблеми и без нарушувања на избирачкото право.

Според нашите податоци само на 31 избирачко место или помалку од 1%, гласањето започнало со задоцнување, а само на 20 гласачки места или околу 0,5% имало помали прекини во времетраење до еден час. Овие задоцнување или кратки прекини при гласањето се главно заради технички причини или поситни забелешки, но тоа генерално не влијаело на избирачкиот процес, кој помина без никакви проблеми во демократска атмосфера.

Оперативниот штаб на МВР функционираше постојано, а во него беа присутни и ги следеа изборите и претставниците на меѓународната заедница и набљудувачките мисии.

До Министерството за внатрешни работи беа доставени неколку поплаки и претставки и по сите нив беше постапено. За разлика од сите претходни избори, поднесени се вкупно три кривични пријави и само две прекршочни пријави што дополнително говори за мирниот изборен ден на кој сите бевме сведоци.

Кривичен прогон, како што веќе информиравме, е преземен против лице од Куманово за сторени кривични дела „повреда на слободата на определување на избирачите“ и „обид за спречување на избори и гласање“, бидејќи на гласачкото место 10,40 во ОУ „Наум Фрашери“ во Куманово, ги расфрлило гласачките ливчиња, при што дошло до прекин на гласањето.

Од СВР Куманово е поднесена уште една кривична пријава, исто така против лице од Куманово за сторено кривично дело „спречување на избори и гласање“. Пријавениот,  во 11,30 часот, на гласачкото место 1055 го повикал претседателот на избирачкиот одбор надвор од гласачкото место по што вербално го нападнал и го спречил изборниот процес.

Исто така, изготвен е записник за примање на кривична пријава против засега непознати сторители за сторени две кривични дела „повреда на слободата на определување на избирачите“ и „поткуп при избори и гласање“, бидејќи три непознати лица пресретнале лице со пречки во развој, го внеле во патничко возило и се упатиле во с.Богојци-Струшко, каде му биле понудени 3.000 денари за да гласа за број 19, по што влегле заедно на гласачко место  каде  лицето во присуство на еден од нив гласало.

На гласачко место 2256 во Штип, лице фотографирало гласачко ливче, по што откако излегол од гласачкото место фотографијата ја покажал на друго лице, а по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична и прекршочна пријава.

Исто така, на подрачје на ПС Гевгелија по претходна вербална расправија помеѓу носител на листа на опозициската коалиција и член на политичка партија, настанала расправија, за што против истите ќе бидат преземени соодветни законски мерки согласно Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, додека на гласачко место во с.Мирковци-Скопско, лице од с.Мирковци во алкохолизирана состојба недолично се однесувало така што против истиот ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.