Во Република Македонија се организираа фер и демократски избори, ова е победа на сите граѓани на Република Македонија и за државата ова е уште еден положен демократски тест на Република Македонија на нејзиниот пат за интеграција кон ЕУ и НАТО, рече премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во неговото обраќање од централниот изборен штаб на партијата.
“На овие избори ВМРО ДПМНЕ и коалицијата доби огромна доверба од граѓаните и убедлива победа би рекол. Поголема отколку што очекувавме. Ќе потсетам на мојот последен настап во Велес во петокот вечерта се согласувам дека на граѓаните им беа понудени сосема два различни концепти до една страна ВМРО ДПМНЕ, концепт кој работи во две смени кој создава конкретни дела, во конкретни рокови…Вториот концепт беше и се уште е оној кој нема дела и кој не сака да се натпреварува со дела, СДСМ сакаше да создаде бојкот да нанесе штета на земјата само за нечиј интерес“, – рече Груевски.
Како што истакна Груевски, Македонија се определи за концептот што создава и гради дела, победи Македонија, победи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, победија делата.
“Од тоа што досега го имаме дека ВМРО ДПМНЕ во прв круг победува во најмалку 25 општини во Република Македонија, очекуваме и во уште пет шест општини победа во прв круг. Ќе ги споменам Кисела вода, Охрид, Прилеп, Гевгелија, Новаци, Петровец, Илинден, Демир капија, Македонска каменица, Кратово, Пехчево, Виница, Василево, Валандово, Карбинци, Конче, Сопиште, Крушево, Босилево, Градско, Ново село“, рече Груевски, додавајќи дека ВМРО ДПМНЕ води во 32 други општини, а во Град Скопје има убедливо водство каде соодносот меѓу Коце Трајановски и Јани Макрадули е два спрема еден. Ние што ветивме мора да завршиме, нагласи Груевски, и од прв ден ќе работиме, зошто за четири години ќе поминат за миг и за четири години пак ќе одиме на избори.