Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов денеска оставри средба со членовите на делегацијата од Државната Дума на Руската Федерација.
На средбата беше констатирано дека добрите билатерални односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација и меѓу парламентите на двете земји, позитивно се одразуваат врз севкупната соработка.
Македонскиот претседател истакна дека Република Македонија придава особено значење на јакнењето и унапредувањето на пријателските односи со Руската Федерација и изрази задоволство од континуираниот политички дијалог и интензивираните посети и контакти на сите нивоа, во изминатиов период.
Претседателот Иванов ја поздрави взаемната парламентарната соработка и беше информиран за можностите за нејзино продлабочување, како и за можностите за склучување на нови билатерални спогодби, со цел унапредување на соработката во повеќе области од заеднички интерес.
Во тој контекст, на средбата беше посочена потребата од унапредување на економската соработка, особено во областа на енергетиката и инвестициската активност. Македонскиот претседател го поздрави зголемениот интерес на руските инвеститори за нашата држава и го потенцираше значењето од вклучувањето на Република Македонија во гасоводот „Јужен тек”, кој ќе придонесе за уште поголемо придвижување на економската соработка меѓу двете земји како и за долгорочна енергетска стабилност на земјата.
Во пресрет на одбележувањето на 20 годишнината од воспоставените дипломатски односи, беа разгледани можностите за размена на посети на македонскиот претседател на Руската Федерација или на рускиот претседател на Република Македонија. Притоа, претседателот Иванов ja реафирмираше отворената покана до претседателот на Руската Федерација за посета на Република Македонија.
Пратениците од Државната Дума истакнаа дека Руската Федерација е подготвена за продлабочување на соработката со Република Македонија. Воедно, изразија интерес за зголемување на парламентарната соработка и оценија дека со оглед на традиционално добрите врски, на двете земји им претстои добра перспектива и соработка во сите области.
На средбата претседателот Иванов изрази задоволство од принципиелниот став на Руската Федерација во однос на употребата на нашето уставно име. Во насока на зајакнување на билатералните односи, беа разгледани и можностите за реципроцитет на визните олеснувања кои важат за граѓаните на Руската Федерација.
Пратениците од Државната Дума, воедно упатија покана до претседателот Иванов за учество на Зимските олимписки игри кои треба да се одржат во Сочи.