Да продолжиме да го негуваме и афирмираме францускиот јазик – одбележани деновите на франкофонијата

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод деновите на франкофонијата, денеска ја посети студиската група за француски јазик и книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје.

Во придружба на француската амбасадорка, г-ѓа Лоренс Оер, претседателот Иванов беше информиран за функционирањето на Катедрата за романски јазици, постигнатите успеси, објавените трудови, интересот за изучувањето на францускиот јазик, како и за соработката која ја остварува оваа Катедра во која припаѓаат и студиските групи за француски и италијански јазик и книжевност.

Деканот на Филолошкиот факултет, Славица Велева, изрази благодарност до претседателот Иванов за посетата и изјави дека е особена чест за студентите и професорите на студиската група за француски јазик што денот на Меѓународната организација на Франкофонијата – 20 март, симболично се одбележа токму на нивната Катедра.

Македонскиот претседател истакна дека франкофонските вредности се блиски на Република Македонија и треба да ги негуваме и афирмираме бидејќи иако во Организацијата на Франкофонијата сме само 12 години, всушност, франкофонската традиција во нашата земја има многу подлабоки корени. Воедно, претседателот Иванов се заблагодари и на француската амбасада и францускиот културен центар за нивната активна улога во промоција на францускиот јазик во Република Македонија и истакна дека и натаму треба да останеме посветени на неговата употреба, како јазик, кој меѓу другото има и исклучително значење во Европската унија.

За време на посетата македонскиот претседател ја посети библиотеката на Катедрата за романски јазици и книжевност, една од лабораториите за изучување на јазици и проследи дијалог од претставата на француски јазик, подготвена од студенти на Катедрата.