На денешната прес-конференција, портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев истакна дека Владата на Република Македонија е силно фокусирана на инвестиции во образованието. Тие инвестиции помагаат во модернизација на училиштата и создавање на квалитетни услови за учење на учениците и изведување на настава од страна на наставниците.
За оваа година е предвидена сериозна, амбициозна и реална програма и план за инвестиции во училиштата, направени врз основа на студии и анализи. Програмата е владина, и во неа не се содржани инвестициите кои се реализираат од страна на локалната самоуправа, и таа опфаќа комплетна реконструкција на најмалку 40 училишта(основни и средни) во кои ќе бидат изведени над 120 реконструктивни зафати. За оваа цел ќе бидат издвоени над 6 милиони евра. Програмата опфаќа и изградба на најмалку 14 нови модулaрни училишта за што ќе бидат ангажирани над 1 милион евра, и изградба на најмалку 10 нови објекти на големите училишта и најмалку 3 доградби на училиштата за што ќе бидат издвоени над 4 милиони евра. Со оваа програма ќе се подобрат условите за учење на над 50 000 ученици.
Прво, во текот на 2013 година се предвидени реконструкции на најмалку 40 училишта. Реконструкциите опфаќаат промена на подови, покриви, санитарии, системи за греење, фасади, прозорци и внатрешна столарија. Кај некои училишта ќе бидат изведени повеќе реконструктивни зафати, кај некои само една, кај некои две, а проценката за обемот на реконструктивни зафати е правен на терен, и значи дека со реконструктивниот зафат што е планиран училиштето го решава предизвикот со кој се соочува. Значи во овие 40 училишта ќе има најмалку 120 реконструктивни зафати.
Ќе бидат реконструирани училишта на целата територија на Македонија, и тоа по 5 во Скопје и Куманово, по 4 во Велес и Гостивар, 3 во Битола и Струмица, по 2 во Охрид, Кочани и Штип итн.
Веќе е во тек постапка за реконструкција на 6 училишта во вредност од 1 милион евра, во април ќе започне постапка за 16 училишта во вредност од 3 милиони евра, во јули за 6 училишта во вредност од 1 милион евра, и во септември- ноември за 16 училишта во вредност од 1 милион евра.
Сите реконструкции треба да завршат најдоцна до првиот квартал следната година се разбира во фази, оние што ќе почнат во првите два квартала од годинава завршуваат во третиот, а оние во вториот семестар на годинава завршуваат во првиот квартал на следната.
Второ, Владата ќе изгради 14 нови модуларни училишта за која намена се издвоени околу 1 милион евра. Во текот на 2012 се изградени 11 вакви училишта. Тоа се училишта кои ги задоволуваат сите нормативи и стандарди и се сместени во внатрешноста на државата, и тоа претежно во средини кои досега немале училишта, а има ученици кои учат во други средини. Училиштата се со капацитет за до 100 деца, кои во иднина нема да имаат потреба да одат во други места да учат туку тоа ќе може да го прават во своите средини. Училиштата ќе бидат градени на целата територија на државата во битолско, прилепско, крушевско, Повардарие итн.
Трето, Владата ќе гради 10 нови објекти за големите училишта и 3 доградби на големите училишта, и тоа доградби со кои ќе се зголеми капацитетот на училиштата за најмалку 40% од постоечкиот. Добар дел од овие училишта се веќе во градба, а за оваа цела се издвоени над 4 милиони евра. Училиштата се лоцирани во Скопје(Сарај, Шуто Oризари, Ѓорче Петров, Центар..), Струга, Вевчани, Долнени и др.
Ова е минимум на програмата кој ќе се реализира во оваа година. Останува опцијата која е извесна оваа програма да претрпи дополнувања во идниот период, и да биде зголемен бројот на училишта кои ќе се реконструираат или пак да биде зголемен бројот на реконструктивни зафати. Владата останува посветена на инвестиции во училиштата и за понатамошните проекти јавноста ќе биде информирана.