Претседателот Иванов упати честитка до сите христијански верници кои го прославуваат Воскресението Христово – Велигден

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до Бискупот Скопски и Апостолски егзарх, г. Киро Стојанов и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар.

Mи претставува особено задоволство и чест, Вам и на сите верници на Католичката црква во Република Македонија, да Ви го честитам претстојниот христијански празник, празникот над сите празници – Воскресението Христово – Велигден.

Посакувам и овој Велигден, вдахновени од неговата симболика и значење, да го исполниме нашето секојдневје со љубов и дарување.

Нека овој голем ден донесе радост, светлина и љубов и нека нè мотивира за градење вистински хуманизам и искрено човекољубие кон сите наши сограѓани. Велигден е доказ дека не постојат ограничувања кои не можат да се надминат. Со верба, надеж и љубов да продолжиме во градењето на просперитетна иднина за нашата татковина.

Најсрдечно Ви посакувам Велигден да го поминете во мир, здравје, радост и хармонија.

Христос воскресна, навистина воскресна!“ – стои во честитката.