Евроатланските интеграции важни за развојот на македонската економија

Интегрирањето на Република Македонија во светската економија е неопходно за економскиот просперитет на државата. Со зачленувањето на Македонија во НАТО и ЕУ ќе се зголеми обемот на домашното производство, извозот, вработеноста и странските инвестиции.

Ова беше нагласено на денешната конференција за влијанието на евроатланските интеграции врз економијата во Македонија, што ја организираше Евроатланскиот совет во соработка со Факултетот за безбедност и Стопанската комора на Македонија.

Според министерот за економија Ваљон Сарачини, влијанието на евроатланските интеграции врз економијата во Македонија е повеќеслојно бидејќи зачленувањето во ЕУ и НАТО ќе води кон отстранување на најголемиот дел од постојаните пречки, подигнување на меѓународниот рејтинг на земјата со што ќе се зголеми можноста за добивање финансиска помош по поволни услови од меѓународните финансиски организации и ќе се зголеми обемот на домашното производство и вработеноста.

Покрај европскиот пазар, смета Сарачини, потребно е македонските бизнисмени да се ориентираат и кон трети пазари со голем економски раст.

„Македонската економија е мала, но широко отворена. Досега неколку пати апелиравме до компаниите дека покрај европскиот пазар, со кој имаме извоз од 65 проценти, да се ориентираат и кон други пазари кои имаат голем економски раст. Најважно е да се побара стратешки партнер почнувајќи од Турција и Азербејџан и овие пазари да се гледаат како алтернатива за пласирање на македонските производи“, изјави Сарачини.

Бизнисмените сметаат дека за Македонија како мал пазар зачленувањето во НАТО и ЕУ е многу важно.

„Нема подобро нешто од отворање на границите за бизнисот. Република Македонија е мал пазар така што НАТО Алијансата ни отвора многу порти, не само странски инвестиции и зголемување на капиталот и вредноста на тукашните инвестиции, туку ни овозможува и на нас бизнисмените да ни се отворат вратите да дејствуваме надвор од државата“, истакна Горан Рафајловски од Стопанската комора на Македонија.

Државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефановски оцени дека безбедноста и стабилноста претставуваат примарни предуслови за поголем економски раст и за позитивна инвестициона клима. Притоа, додаде дека Македонија е подготвена за преземање на одговорностите и обврските кои се дел од членството во НАТО уште од 2008 година, но оти единствената пречка е ирационалниот спор за името со јужниот сосед.