Кожув со победа ја затвори дебитантската сезона во БИБЛ

Екипата на Марјан Србиновски успешно ја заврши дебитантската меѓународна сезона, со 9-та победа во вкупно 14-от одигран натпревар во Балканската лига. Со триумфот над Ѓуро Ѓаковиќ од 75-62 пред домашната публика, Кожув ја затвори сезоната на седмата позиција.

Интересен натпревар се играше пред повторно речиси полната сала „26 Април“ и покрај тоа што самиот меч немаше посебно резултатско значење. Тренерот Марјан Србиновски повеќе ги разигруваше резервните кошаркари, на кои секако ќе смета пред продолжението од домашната Суперлига, а гостинскиот состав од Хрватска подобро го почна натпреварот и рано поведе со 10-3. Одржуваше Ѓуро Ѓаковиќ предност до 10 поени во поголемиот дел од првата четвртина, но со влегувањето на Слободан Божовиќ во игра, Кожув почна да ја топи негативата и на стартот на втората четвртина, со серија од 13-0, ја врати резултатската неизвесност.

На полувреме гевгеличани заминаа со предност од три поени, за на крајот на третиот период, со нова серија поени да направат двоцифрена негатива, која успешно ја одржуваа до крајот за конечен триумф од 75-62 во последниот натпревар од дебитантската меѓународна сезона.

Слободан Божовиќ со 18 поени и 7 скокови беше најефикасен поединец кај Кожув, а со двоцифрен број на поени завршија и Игор Мијајловиќ и Владимир Филиповиќ. Сериозна минутажа на натпреварот добија Златко Гоцевски и Слободанчо Хаџивасилев, во отсуство на повредениот Александар Штерјов. Во тимот на Ѓуро Ѓаковиќ, центарот Марино Шарлија беше најефикасен со 18 поени, 5 скокови и 5 асистенции.

По оваа победа, Кожув ја заврши сезоната на првата позиција во групата за пласман од 7 до 11 место и со целокупен успешен прв меѓународен настап. И покрај тоа што, поради сплет на несреќни околности, не успеаja да обезбедат место во разигрувањето за Фајнл Фор турнирот, искуството кое избраниците на Марјан Србиновски го собраа низ овие меѓународни натпревари секако дека ќе игра важна улога во домашното првенство, каде Кожув има амбиции за место во плејофот.