Шест странски компании веќе имаат донесено одлуки за инвестирање во Македонија. Три од нив се од Турција, три се мултинационални од различни држави од Европа и надвор од Европа, најави денеска премиерот Никола Груевски.
„Трите компании деновиве заедно со директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции Висар Фида ги објавија своите намери за инвестирање. Другите три очекуваме до крајот на април или почетокот на мај да ги објават нивните одлуки. Од нив дел се заинтересирани за Скопје, но дел и за внатрешноста во Македонија. Една од нив е заинтересирана за охридско- струшкиот регион, односно во таа ТИРЗ која наскоро ќе почне да се гради. Друга е определена за Велес“, изјави премиерот на прес-конференција за изградбата на подземната сообраќајница во центарот на Скопје.
Тој додаде дека покрај овие шест компании има уште најмалку толку кои се влезени во финална фаза и треба да направат избор да дојдат во Македонија или во уште една друга земја.
„Верувам дека и кај овие ќе имаме добар успех и дека во поголем дел од нив конечниот избор ќе биде Република Македонија. Активно работиме на ова. Ова е нашиот главен приоритет – привлекување инвестиции независно дали се домашни или странски, отворање нови работни места за граѓаните на Република Македонија. Тоа е главниот фокус на Владата и не случајно се ангажирани двајца министри кои специјално се занимаваат со тоа како никогаш претходно пред доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ во 2006 година и разгранета мрежа на промотори во 30-тина земји“, истакна премиерот Никола Груевски.