Прва средба по однос на Нацрт-работната верзија на Законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги

Министерството за информатичко општество и администрација вчера ја одржа првата средба на која се разгледа процесот на подготовка на Нацрт-работната верзија на Законот за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги, со што отпочнаа јавни консултации по однос на текстот на законот. Нацрт-работната верзија на Законот е достапна за преземање од веб страната на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) www.ener.gov.mk. Сите заинтересирани субјекти ќе можат своите забелешки, коментари и сугестии да ги остават на веб страната и истите ќе бидат земени предвид за финалната верзија на законот.

Настанот го отвори министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, а на него учествуваа претставници на медиуми, повеќе институции надлежни за оваа област, невладини организации и здруженија, претставници од мисиите на меѓународната заедница во Република Македонија, естрадни уметници и други.

„Слободата на изразување е основниот елемент на Универзалната декларација за човекови права, а истата претставува столб за развој на демократските слободи во општествата“. – рече во воведното обраќање министерот Ивановски.

Тој напомена дека медиумите во едно општество директно придонесуваат во развојот на демократските процеси и се катализатор на човековиот развој, а за да се исполни тоа неопходен и потребен услов е медиумите да бидат слободни, независни и разновидни.

„Новата законска рамка треба целосно да биде усогласена со прописите за заштита на конкуренцијата, заштитата на авторските и сродните права, електронските комуникации, законот за граѓанска одговорност и други правни прописи кои посредно или непосредно влијаат врз развојот на медиумите и слободата на изразување и информирање“. – рече Ивановски.

Република Македонија како земја со кандидатски статус за членство во Европската Унија има обврска да го усогласи националното законодавство со корпусот правни акти на ЕУ т.н. acquis.

„Во таа насока е и потребата од усогласувањето на македонското законодавство со Европската директива за аудиовизуелни медиумски услуги, но исто така и со Препораките и стандардите на Советот на Европа и Препораките на Европската комисија нотирани во Годишните извештаи за напредокот на Република Македонија во евроинтегративниот процес“. – додаде министерот Ивановски.

Новото законско решение треба да ги постигне следните цели:

– Слобода на изразување и слобода на медиуми, заштита и развој на медиумскиот плурализам, право на информирање и пристап до разновидни и независни информации и програмски содржини, како основни начела на демократското општество;

– Развој на медиумите и аудиовизуелните медиумски услуги;

– Развој на независната продукција;

– Поттикнување, унапредување и заштита на културниот идентитет, јазикот и традицијата, поттикнување на јавниот дијалог, толеранцијата и разбирањето меѓу граѓаните;

– Поттикнување на творештвото, образовниот и научниот развој;

– Унапредување и заштита на професионалните и етичките стандарди во информирањето;

– Заштита на интересите на корисниците особено на малолетничката публика;

– Развој на медиумската писменост;

– Транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис;

– Транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на медиумите;

– Техничко-технолошки развој на медиумите, конвергенција со електронските комуникации и услугите на информатичко општество;

– Поттикнување и развој на конкуренцијата во медиумите и аудиовизуелните медиумски услуги и

– Развој на економијата во Република Македонија.

Презентација за усогласувањето на законот со директивите за аудиовизуелни медиумски услуги имаше Ирена Бојаџиевска од Секторот за комуникации при Министерството за информатичко општество и администрација.