Ѓорѓиев: Земјоделците имаат на располагање исклучително поволни кредити

Владата е фокусирана на развој на земјоделството и на конкретна негова поддршка и овозможување на поволни можности за земјоделците. Поддршката се реализира преку субвенциите за земјоделството и преку финансирање и кофинансирање на проекти во висина од 50% од проектите на земјоделците за инвестиции, за опрема, за развој на бизнисите, но и преку овозможување на евтини и поволни финансиски инструменти за поддршка на развојот на нивниот бизнис.

Во врска со определени предизвици кои беа истакнати од страна на земјоделските здруженија, а во врска со обезбедувањето на евтини финансиски инструменти за нивниот бизнис, сакаме да информираме дека државата веќе обезбедува 3 исклучително поволни и евтини финансиски инструменти, со ниски каматни стапки, добар период на отплата и грејс период, кои тие може да ги користат. Пред почетокот на сезонските земјоделски работи овие средства се добра можност за поддршка и може да се искористуваат бидејќи институциите се спремни за ефикасно и ефективно обезбедување на средствата.

Првиот, на кој би сакале да ставиме акцент е исклучително поволниот финансиски инструмент кој може да се користи за финансирање на проекти во земјоделството преку евтината кредитна линија на Македонска банка за поддршка на развојот, која може да се користи за финансирање на основно земјоделско производство, за откуп и преработка, и за извоз на земјоделски производи.

Средствата може да се користат по исклучително поволни услови:

-каматна стапка од 3%, што е најевтина каматна стапка во Македонија и пошироко;

-износот на средства кои може да се користат ќе се движи до максимален износ од 300 илјади евра за основно земјоделско производство и до 500 илјади евра за преработувачка и извоз на производите;

-Доколку земјоделците се одлучат за подигнување на средства со краен рок на отплата до 18 месеци, тогаш грејс периодот изнесува 6 месеци, а доколку крајниот рок на отплата е 5 години, тогаш грејс периодот за негово враќање изнесува 1 година;

-средствата може да се користат и за инвестиции и за обртни средства.

Ова е директна државна кредитна линија и апликациите се поднесуваат и примаат директно во МБПР и за краток период се одобруваат.

Со оваа линија покрај финансирање на идни проекти, набавки и потреби, можат да се финансираат и проекти, набавки и потреби направени 90 дена пред поднесување на кредитното барање од страна на земјоделците до МБПР. Рокот за правдање на документите за наменското искористување на средствата е проширен од 30 на 90 дена, заради специфичноста на откупот и преработката на земјоделски производи.

Од вкупно расположливите 10,7 милиони евра, досега се искористени 3,9 милиони евра, што значи дека на располагање на земјоделците остануваат над 6,5 милиони евра.

Вториот финансиски инструмент се реализира преку Земјоделскиот кредитен гарантен фонд, и тоа во соработка со деловните банки и штедилници. Каматата варира помеѓу 4% и 6% во зависност дали се аплицира преку деловна банка или штедилница. Се одобруваат средства пред се за обртни средства, а квотата на расположливи средства варира во зависност од повратот на веќе искористените пласмани. Специфичните услови, во смисла на рок на отплата и грејс период се договараат помеѓу деловните банки и штедилниците од една страна и земјоделскиот апликант од друга страна. 

Третата можност или инструмент е добивање на средства преку евтината кредитна линија од Европската инвестициона банка, која што е во висина од 100 милиони евра, и кај која постои 5,5% каматна стапка која ја субвенционира државата. Овие средства пред се се користат за покрупни проекти, инвестиции или поголема сума потребна за обртни средства и се реализира од страна на покрупни стопански субјекти. Досега се реализирани 50 милиони евра, за барања во висина од 17 милиони евра процедурата на обработка е во тек и треба да заврши во рок од два месеца, што значи дека остануваат слободни околу 33 милиони евра средства кои стопанските субјекти, меѓу кои и земјоделските стопански субјекти може да ги користат. 

Овие финансиски аранжмани кои на директен, или на индиректен начин преку субвенционирање и обезбедувањето на самите средства, ги обезбедува државата се добра можност за искористување на земјоделците на кои им требаат, и во склоп со останатата поддршка која ја реализира државата преку субвенциите, директните плаќања, кофинансирањето на 50% од трошоците за земјоделски инвестиции и проектите обезбедуваат значителна поддршка. 

Земјоделците кои имаат потреба од средства и имаат интерес за обезбедување на овие финансиски инструменти кои се поволни и евтини, може да се обратат за совети во МБПР, во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за да им бидат дополнително објаснети процедурите за апликации. Институциите стојат на располагање на земјоделците.