Вкупно 1.600 лица од социјално загрозени семејства ќе добијат свое вработување во јавната администрација, информираше денеска премиерот Никола Груевски.
Во оваа група спаѓаат лица кои се невработени повеќе од 10 години, лица од многудетни семејства, лица од самохрани и еднородителски семејства и лица каде во нивното семејство нема ниту еден вработен.
Лицата кои ќе аплицираат за вработување треба да исполнат неколку критериуми меѓу кои: висината на приходите, бројот на деца во семејството, години на невработеност, самохрани родители и еднородителски семејства.
Премиерот го најави новиот Закон за администрација кој ќе пропишува високи стандарди при вработување во јавната администрација.
„Владата подготви нов закон за администрација и други закони поврзани со тоа, во кои покрај останатото, се третира и приемот на вработување, кој што ќе биде со високи стандарди и ќе се применуваат строги критериуми за знаење и стручност“, рече Груевски.
Во секоја од овие категории ќе бидат вработени по 400 лица, а нивната образовна структура, како што нагласи премиерот, ќе бидат процентуално застапени според евиденцијата во Агенцијата за вработување. Во исто време, како што рече Груевски, при изборот на вработени ќе се почитува еднаквата и правична застапеност според Охридскиот рамковен договор.