Ристовски: Да се пријавува дискриминацијата по основ на бременост, раѓање и родителство

Сите работници жени кои биле дискриминирани од работодавачи по основ на бременост, раѓање и родителство случаите да ги пријават на телефонските броеви 15 131 и 15 505 или со пријава до Државниот инспекторат за труд со цел државата да може успешно да се бори против оваа појава, апелираат од Министерството за труд и социјална политика.

„Досега во Државниот инспекторат за труд се уште нема ниту една пријава по овој основ иако неофицијалните информации говорат дека при вработување многу често врз популацијата од женски род се врши дискриминација и од кандидатките се бараат одговори кои никаде не се запишани на хартија, ниту во објавениот конкурс, а се поврзани со нивната интима – дали се мажени, дали планираат да се мажат, дали имаат деца, дали планираат да раѓаат деца… од што директно зависи одлуката на работодавачот дали ќе го добијат работното место“, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, додавајќи дека заради ова ќе почне и реализација на кампања за подигнување на јавната свест за овој проблем.

Доколку работничките не се охрабрат да ги пријават случаите, додаде тој, неможна е борбата против ваквиот вид на дискриминација и покрај законските измени кои се донесени.

„Со измените во Законот за работни односи се забранува секаков облик на дискриминација поврзана со пристапот до вработување, условите за работа и сите права од работен однос, вклучувајќи го и откажувањето на договорот за вработување на жените кои се наоѓаат во состојба на бременост или користат права по основ на родителство. Забранивме работодавачите при вработувањето да бараат од кандидатите тест за бременост или потврда за таков тест при склучување на договор за вработување со жена, без оглед на видот на работното место. Воведовме обврска доколку работата за која се бара работникот предизвикува значителен ризик за здравјето на мајката и детето, работодавачот е должен претходно да ја извести работничката за опасностите коишто произлегуваат од работата на работното место и да ги преземе сите мерки на заштита согласно со прописите за безбедност и здравје при работа“, истакна Ристовски.

Додаде дека во делот на откажување на договорот за вработување на работник за време на бременост, раѓање и родителство, за време на сместување на дете кај посвоител, отсуство од работа за родителство од страна на татко или посвоител на дете, скратено работно време поради грижа за дете со развојни проблеми, како и спреченост за нега на дете  до тригодишна возраст, отказот е ништовен доколку на денот на врачување работодавачот бил запознаен за ваквите состојби или доколку работникот во рок од 15 дена од врачувањето го известил работодавачот за постоење на наведените состојби.

„Ваквите случаи треба да се пријавуваат, а во нив случајот на докажување е на товар на работодавачот“, истакна министерот Ристовски.

Тој потсети дека минатата година била направена анализа со алармантни податоци дека дури 21 процент од 1.000 испитанички одговориле оти при интервју за вработување им било поставено прашање дали наскоро планираат да имаат деца, а над 66 проценти одговориле дека нивниот одговор имал директно влијание врз засновањето на работниот однос. Најави дека наскоро ќе биде направена и нова, со цел да се види дали и какво влијание имаат постигнато измените на законот за работни односи во оваа сфера.