Владина програма за поддршка на општините од 275 милиони денари

На денешната прес-конференција, портпаролот на Владата на Република Македонија Александар Ѓорѓиев истакна дека Владата на Република Македонија е посветена на поддршка на единиците на локална самоуправа која се изведува преку широка палета на мерки, активности и програми какви што се меѓу другите и програмата за изградба, реконструкција и модернизација на локални и регионални патишта, програмата за изградба, реконструкција и модернизација на училишта, на болници и јавни здравствени установи и други програми.

Денес, сакаме да информираме за мерките од посебната Програма за рурален развој, која се однесува на поддршка на општините преку покривање на 100% од инвестициите за јакнење на јавната локална инфраструктура, обнова и развој на селата и зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја. Таа се однесува на руралните средини, односно на руралните општини и на руралните места во урбаните општини.

Оваа програма има голем интерес кај општините, и оваа година оваа програма изнесува 275 милиони денари, или околу 4,5 милиони евра, што е значајно зголемување во однос на претходната година кога за оваа намена беа инвестирани 2 милиони евра.

За оваа програма може да аплицираат единствено единиците на локална самоуправа. Целта на програмата е подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани, а особено на жителите во руралните средини и селата.

Поединечно, со мерката Развој на јавна инфраструктура во рурални средини се поддржуваат следниве типови на проекти:

1.    Инвестиции во локална патна инфраструктура (вклучително и мостови) за поврзување меѓу две или повеќе села во должина до 5 км или за поврзување на села со регионален пат или со населено место – град во должина до  7 км.

2.    Инвестиции во обезбедување на телекомуникациска инфраструктура во населени места – села со број на жители до 500 согласно последниот попис на население и домаќинства во Република Македонија.

3.    Инвестиции во водоснабдителни и канализациони системи во населени места – села до 1.500 жители согласно последниот попис на население и домаќинства во Република Македонија, и

4.    Инвестиции во објекти и опрема за организирање на продажба на земјоделски производи во рурални средини (зелени пазари), и

5.    Инвестиции во објекти и опрема за организирање на продажба на жив добиток (т.н. сточни пазари) во рурални средини и за усогласување на постоечките пазари за жив добиток согласно законите од областа на ветерина.

6.    Инвестиции во објекти и опрема за детски, младински и/или пензионерски културни центри или клубови во населени места – села.

 

Со мерката Обнова и развој на селата се поддржуваат следниве типови на проекти:

1.    Изработка на урбанистички планови за населени места – села,

2.    Инвестиции за изградба и/или реконструкција на селски улици (вклучително и атмосферска канализација и пешачки елементи) во должина до 1км,

3.    Инвестиции за изградба и/или реконструкција на плоштади, зелени површини и/или шеталишта во рурални средини до 30.000 жители.

 

Со мерката Зачувување и унапредување на традиционалните вредности во руралните подрачја се поддржуваат следниве типови на проекти:

1.    Инвестиции во локална патна инфраструктура (вклучително и мостови) за поврзување на населени места – села со локалитет од значење за начинот на живот и работа на селската популација  во должина до 2 км,

2.    Означување на културни и природни знаменитости во рурални средини,

3.    Одбележување и унапредување на планинарски и велосипедски патеки, и

4.    Уредување на излетнички места во рурални средини (вклучително и нивно поврзување со електрична енергија, водоснабдување, канализација).

Максималниот износ на проектите од еден подносител (една општина) на проекти изнесува до 20 мил. денари, а со едно барање може да се поднесат и повеќе проекти во рамките на максималниот износ. 

Неповратната финансиска поддршка се доделува во висина од 100% од вкупната вредност на прифатливите трошоци и се исплаќа во висината на износот на одобрениот проект. 

Неповратната финансиска поддршка по барање на општината која го поднесува проектот може да се додели и да вклучува и авансна исплата во висина од 20% од вредноста на одобрените прифатливи трошоци, или на две рати или согласно со фазите на реализација на инвестицијата врз основа на времени ситуации од надзор или документација за набавка на опрема, или пак на друг начин регулиран во договорот помеѓу Агенцијата и општината.    

Во текот на месец мај Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој ќе распише јавен повик на кој сите заинтересирани општини ќе може да ги поднесат своите барања и проекти. По разгледувањето и одобрувањето на барањата и проектите Агенцијата ќе донесе решение и ќе ја извести општината, која нема да има никаков финансиски трошок за реализација на прифатениот проект.    

Владата и во идниот период ќе продолжи со реализација на програми за поддршка на општините и задоволување на потребите и интересите на граѓаните.