Јавните чешми во Охрид редовно се под контрола и се здравствено безбедни

Зголемениот водостој на Охридското Езеро и на подземните води влијае и врз јавните чешми, но за среќа само со матност во одредени случаи. Според сите други индикатори, микробиолошки и хемиски, водата е здравствено безбедна и квалитетна за пиење.

Од Центарот за јавно здравје Охрид велат дека се вршат редовни контроли и врз јавните чешми, но и врз чешмите кои се под нечија сопственост, во дворовите од куќите. Доколку има потреба им укажуваат на граѓаните да се воздржат од користење на водата.

„Контролирани се сите јавни чешми во овој период токму од причини заради поголемиот водостој. Генерално преку 90% од водите се здравствено безбедни, онаму каде што не се, по одредени куќи или семејства сме укажале на потребата да не се користи одредено време, но сепак инфекциите, односно квалитетот на водата не отстапуваше заради присуство на одредени бактерии, туку заради зголемена матност, многу повеќе отколку што е дозволено“. – истакна Сашо Точков, специјалист по санитарна хемија и броматологија во Центарот за јавно здравје Охрид.

Лабораториите на Центарот за јавно здравје за испитување на квалитетот на сите видови на вода се акредитирани по стандардот 17.025 со соодветно решение од институтот за акредитација на Македонија, за контрола и подобрување на квалитетот на водите за пиење, површинските води и сите видови на води во охридскиот регион.

WebOhrid