„Таа беше посебна“ е насловот на театарската претстава што денес во Центарот за култура во Охрид ќе ја одиграат ученици од неколку битолски основни и средни училишта.
Драмската претстава е проект на оделението за превенција од Секторот за внатрешни работи Битола во соработка со мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, што треба да придонесе за зголемување на свеста кај младата популација за опасностите од смртоносното зло на денешнината.
Претставата „Таа беше посебна“ е корисна и за родителите во делот на истакнување на нивната улога и потребата од комуникација со децата за навремена и сеопфатна превенција од смртоносниот порок.
Една од целите на овој проект е подигнување на свеста кај граѓаните за потребата од контакти со полицијата во насока на навремено детектирање на појавните облици на наркозависност како и поголемо ангажирање на заедницата за интензивирање на превентивните активности на општествените субјекти, институциите и локалната заедница во борбата и сузбивање на нарко криминалитетот.
„Таа беше посебна“ е интересна и едукативна театарска претстава што денес од 17 часот ќе биде изведена во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид.