Четири лица се повредени од кои две потешко, во несреќниот случај што синоќа околу 19 часот се случи во водите на Глобочичкото езеро кај реката Црн Дрим во близина на струшкото село Ташмаруништа.
Поради сериозноста на повредите, едно лице е пренесено во Ургентниот центар во Скопје додека другото тешко повредено лице е задржано во Општата болница во Струга. Останатите шест лица кои биле во чамецот, по првичниот медицински преглед се пуштени на домашно лекување.
Несреќниот настан е случен во момент кога чамец во кој се превезувале вкупно десет лица пловел под електричен далновод кој поминувал над реката.
Со навремена интервенција на полицијата, медицинските екипи и месното население од селото Ташмаруништа, сите 10 лица се извлечени од чамецот и со возила на брзата помош се пренесени во општата болница во Струга.
На лице место, извршен е увид во присуство на истражен судија, јавен обвинител и полициски екипи.
СВР Охрид и полициската станица од Струга преземаат дополнителни мерки за целосно расветлување на овој настан.