Инвестициските можности презентирани пред бразилски стопанственици

Економски тим на Владата на Република Македонија, предводен од премиерот Никола Груевски, како и заменикот на претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за привлекување на странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида, вчера (понеделник, 22.04.2013 година) на бизнис форум во Бразилија, во соработка со Конфедерацијата на национални индустрии на Бразил, на кој присуствуваа претставници на бразилски трговски и индустриски комори и приватни компании, ги презентираа економските потенцијали на нашата земја и поволностите кои Република Македонија ги нуди на странските инвеститори.

Премиерот Груевски истакна дека развојот и инвестициската насоченост на Бразил и поволностите кои ги нуди Република Македонија за странските инвеститори можат да бидат добра комбинација за унапредување на соработката меѓу двете земји.

Бразил континуирано инвестира во развојот, во градежништвото, земјоделството, образованието, здравството и инфраструктурата, ја реформира деловната клима и гради економија базирана на знаења. Токму тука се и сличностите со мојата земја, Република Македонија, која има бројни компаративни предности и на која многу мултинационални компании гледаат како на порта кон европските пазари, која и Бразил може да ја искористи како можна поволна дестинација за бразилските инвестиции и бизниси, истакна премиерот Груевски.

Тој ги истакна реформите кои се спроведуваат за унапредување на деловната клима во нашата земја, како и поволностите кои ги нудиме на инвеститорите, најнискиот даночен пакет во Европа и најниските трошоци за отворање и водење бизнис, поедноставувањето на административните бариери преку регулаторната гилотина, и договорите за слободна трговија со сите земји од континентот Европа.

Република Македонија го привлече вниманието на светската инвеститорска заедница со нејзиниот брз и сигурен поход кон првите позиции на најреформски ориентирани земји, според угледниот „Doing Business“ извештај на Светската Банка, и тоа веќе неколку години по ред. Во последно објавениот извештај, Република Македонија се наоѓа на 23-та позиција меѓу 185 земји и е највисоко рангирана во однос на било која транзициона економија од Југоисточна Европа. „Прајсвотерхаус Куперс“ во својот извештај „Плаќањето даноци“ за 2013 година ја прогласи нашата земја за 24-та најпријателски настроена земја во светот во однос на даночниот товар и даночниот третман на бизнисите. „Форбс“ објави дека Република Македонија е второрангирана во Југоисточна Европа во однос на квалитетот на деловното окружување, изјави премиерот Груевски.

Премиерот ги покани бразилските компании да ја посетат Македонија и да направат анализи и истражувања за нашите компаративни предности за да увидат дека станува збор за конкретни и опипливи, но и проверени опции за успех кои досега ги искористиле повеќе странски реномирани компании.

Директорот на Конфедерацијата на националната индустрија за Бразилија, г-дин Карлос Едуардо Абиџоди, се заблагодари за можноста бразилските бизнисмени да ги слушнат поволностите за инвестиции директно од страна на високи политички претставници и истакна дека интерес на коморите и компаниите од нивната конфедерација е да ја посетат Република Македонија за да направат дополнителни анализи, истражувања и проценки за напредок во процесите.

Ренато де Фонсека, директор за развој на Конфедерацијата на индустрии на Бразилија, високо ги оцени македонските реформи посочувајќи ги како пример и модел кој треба да се практикува од земјите кои се промовираат како поволни дестинации за водење бизнис.

Вицепремиерот Ставрески се осврна на макроекономските индикатори на нашата земја кои нудат соодветно, функционално и предвидливо опкружување кое е поволно за планирање на бизнисот, неговото водење и раст и развој.

Македонската економија во континуитет се одликува со нагласена макроекономска стабилност и просечна стапка на инфлација од 2,1% во изминатите петнаесет години, имаме среднорочна политика на низок буџетски дефицит од 2,5% од БДП, што резултираше со низок надворешен долг, посочи Ставрески. Се осврна и на неколку конкретни проекти за развој на туризмот и енергетиката во земјата.

Министерот Веле Самак презентираше повеќе аспекти за можности за инвестиции во автомобилската индустрија и информатичката технологија, и проектите и придобивките од инвестициите во областа на инфраструктурата.

Директорот Висар Фида ги презентираше поволностите кои ги нудат технолошко – индустриските развојни зони, даночните ослободувања и повластици кои важат за нив, и државната помош која се овозможува на инвеститорите. Зборуваше за можностите за соработка во областа на земјоделството и развојот на технологии.

Во текот на денешниот ден владината делегација ќе се обрати на бизнис форум во Сао Паоло каде ќе оствари и повеќе средби со претставници на бразилските трговски и индустриски комори и бизнисмени.