Физичкото казнување како метод за воспитување на децата се уште се применува во Македонија. Поголем број од родителите веруваат дека во воспитувањето на децата е потребно казнување, покажуваат податоците од најновото Меѓународно истражување за состојбата на децата и на жените – МИКС.
На национално ниво, кај 52 проценти од децата е применувано физичкото казнување како мерка за воспитување. Каков било насилен метод на дисциплинирање е применет кај 73 проценти од децата на возраст од 5 до 9 години, 69 проценти кај децата на возраст од 2 до 4 години и 66 проценти кај децата од 10 до 14 години.
„Релативно мал дел од родителите веруваат дека за да се одгледа едно дете соодветно треба да се применува физичка казна, а повисок е процентот на родители кои веќе ја користат физичката казна за да ги воспитаат своите деца. Ваквите бројки покажуваат дека родителите немаат едукатно знаење и вештини како да употребат позитивно и ненасилно однесување кон децата“, оцени претставникот на УНИЦЕФ, Шелдон Јет на денешното официјално презентирање на податоците од истражувањето.
Значителен напредок е забележан во делот на раниот детски развој каде бројот на деца на возраст од 36 до 59 месеци кои посетуваат некаква програма за едукација е зголемен на 22 проценти во споредба со 10 проценти од 2005 година.
Напредок има и во делот на запишување на децата во матичната книга на родените каде има зголемување на процентот на 99,7 проценти во однос на 94-те проценти во 2005 година.
Бројките од истражувањето покажуваат дека 98 проценти од децата во основните училишта сакаат да го продолжат своето школување, а зголемен е и интересот на децата Роми за школување.
„Ако пред пет години околу 60 проценти од учениците Роми имале интерес да се запишуваат во училиште, оваа бројка во последните две-три години е зголемена за над 25 отсто, односно изнесува над 85 проценти. Радува и фактот што постојано расте и бројот на ученици во основните училишта, односно напорите кои ги вложува Владата и Министерството за намалување на бројот на граѓаните кои немаат доволна писменост дава резултати“, истакна министерот за образование и наука Панче Кралев.
Што се однесува до склучувањето на малолетничките бракови е забележано намалување за 1,3 проценти, а зголемена е и свеста за пријавување семејно насилство.
„Ако во 2005 година 21 процент од жените сметале дека е правилно и оправдано мажот да ја тепа, во последниот извештај таква перцепција имаат 15 проценти од испитаничките“, посочи министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Интересен е и податокот дека на национално ниво 30 проценти од жените се породуваат со царски рез, иако препораката на Светската здравствена организација е тој процент да не биде повисок од 15. На ваков чекор се одлучуваат повеќе мајките со високо образование.
Во однос на имунизацијата на децата во Македонија е забележан напредок, односно сега процентот изнесува 91 во споредба со 76 проценти во 2005 година.
Истражувањето во Македонија беше спроведено на репрезентативен примерок од 4.018 домаќинства на национално ниво и 951 романско домаќинство.
Меѓународното истражување за состојбата на жените и децата се спроведува на секои пет години. Македонија беше една од 59 земји опфатени со истражувањето, а добиените наоди помагаат во креирањето на идните политики од социјалната сфера.