Груевски ги повика агрентинските компании да ја посетат Македонија

Економски тим на Владата на Република Македонија предводен од премиерот Никола Груевски, заменикот на претседателот на Владата и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за привлекување на странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот Висар Фида, присуствуваа и се обратија на бизнис форум во Буенос Аирес на кој ги презентираа поволностите кои Република Македонија ги нуди на странските инвеститори.

Пред почетокот на бизнис форумот премиерот Груевски оствари средба со раководниот менаџмент на Индустриската унија на Аргентина, која што беше и организатор на бизнис форумот на кој присуствуваа претставници на компании од областа на транспортната инфраструктура, енергетиката, туризмот, земјоделството, осигурувањето и останати дејности.

Индустриската унија на Аргентина е најмоќната и најголема аргентинска еснафска организација од областа на бизнисот, во чие членство се наоѓаат претставници на сите индустриски и економски гранки, и чии членки се и големи мултинационални компании.

Премиерот Груевски ги покани аргентинските компании да ја посетат Македонија и изворно да се запознаат со поволностите кои нашата земја ги нуди на странските инвеститори.

„Вие можете да остварите посета на Македонија, и не од нас, туку од странските инвеститори кои се веќе лоцирани и работат во мојата земја, да побарате информации околу поволностите кои ги нудиме за водењето бизнис. На ова ќе го надоврзам и фактот што некои од нив покрај еден отворен капацитет веќе отвораат и втор капацитет во Македонија, а тоа е најдобар доказ дека ја имаат нашата поддршка“, истакна премиерот Груевски.

Премиерот Груевски во своето обраќање се осврна и кон инвестициите во образованието.

„Нашата Влада за двојно го зголеми обемот на средства кои се инвестираат во образованието во насока на креирање на кадар кој што ќе ги поседува потребните вештини и знаења за квалитетно извршување на работните задачи. Таквиот кадар е гаранција за успех на вашите компании“, изјави премиерот Груевски.

Претседателот на Индустриската унија на Аргентина, г-дин Хозе Игнацио де Мендигурен, изрази позитивна оценка и задоволство од поволностите кои беа претставени на бизнис формот и истакна дека Унијата ќе лобира и ќе ги проследува кон нивните членки во насока да ги мотивира да ги разгледаат како добра бизнис можност.

Вицепремиерот Ставрески посочи дека стабилната валута, ликвидниот и солвентен банкарски систем, ниската инфлација и ниското ниво на задолженост кои се македонски макроекономски индикатори, нудат добро бизнис опкружување, а поддршката која Владата ја дава со својата услужна ориентираност ќе е од значење на потенцијалните инвеститори.

Министерот Веле Самак ги презентираше компаративните предности кои ги нуди Република Македонија на странските инвеститори истакнувајќи дека со постоечките реформи и со индикаторите на економијата се овозможува значително пониска цена на влезните инпути во производството со што се зголемува неговата исплатливост.

Директорот Висар Фида претстави повеќе конкретни проекти кои би можеле да претставуваат предмет на интерес на аргентинските мултинационални компании за реализација на инвестиции на полето на туризмот, инфраструктурата и енергетиката.