Во рамки на одбележување на Денот на Европа – 9 Мај, вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими и евроамбасадорот Аиво Орав денеска во МК-ЕУ инфо центарот во Скопје ја промовираа новата проект иницијатива „Младите за Европа“.
„Идејата на оваа иницијатива е да се формира една рамка, односно мрежа на комуникација на младите во Република Македонија каде ќе се дебатираат европските вредноси во државата, односно еден нов имиџ на младите кон вредносите на ЕУ. Генерално, тоа ќе бидат дебати за се што е од значење за животот и иднината на младите во Македонија и во Европа, можност тие да се вклучат во јавни дебати, како и за развој на мрежи за информирање за слични проекти во ЕУ и од земјите кои се во процес на пристапување во Унијата. Ќе користиме социјални мрежи, како твитер и фејсбук за поголема вклученост на младите“, рече Бесими.
Тој најави дека на дебатите во МК-ЕУ-инфо центарот како гости ќе бидат поканети истакнати личности, амбасадори од земји членки на ЕУ, високи функционери, политичари, но и луѓе од областа на науката, спортот и културата.
Амбасадорот Орав подвлече дека очекува оваа иницијатива, која е во рамки на одбележувањето на Денот на Европа, ќе помогне младите да ја разберат ЕУ, а на повозрасните да ги реизберат помладите.
„ЕУ ги промовира вредностите како демократијата, човековите права, мирот и просперитетот. Демократијата и човековите права не се еднаш засекогаш дадени, туку потребно е постојано да се бориме за нив и да ги осигураме за да бидеме сигирни дека секое утро, кога ќе се разбудиме живееме во мир, демократија, дека ги уживаме човековите права и дека се движиме кон просперитет. За таа цел исто така добро е што повеќе млади луѓе да бидат вклучени во обезбедувањето на демократијата во нашите земји во ЕУ, во државите партнери и во земјите кандидати за членство. Младите луѓе можат многу да научат од постарите генерации како тоа се прави во Европа, но исто така и постарите лица можат да учат од помладите генерации, како вештините на комуницирање, толеранцијата и друго“, рече евроамбасадорот Орав кој воедно е и учесник на првата од низата дебати.
Иницијативата е покрената од СЕП со партнерство со Делегацијата на ЕУ во Македонија, а со поддршка и на други меѓународни институции.