СВР Охрид го одбележа денот на македонската полиција

По повод денешниот ден, денот на македонската полиција, 7 мај, се одржа свечен прием во големата сала на Секторот за внатрешни работи Охрид над територијалната противпожарна единица.

„Можам да кажам дека СВР Охрид на целото подрачје што го покрива, своите работни обврски и задачи на безбедносен план ги извршува крајно професионално, ефикасно, ефективно, посветено и пожртвувано. Законитоста во работењето, професионализмот, етичноста и транспарентноста се основниот белег во нашата комплексна и легитимна полициска работа. Работата на СВР Охрид се темели врз владеењето на правото и демократските принципи, целосното почитување и унапредување на основните човекови права и слободи и на вистинските вредности  во општеството“. – истакна началникот на СВР Охрид Зоран Сарафилоски.

Како сервис на граѓаните, како што истакна Сарафилоски практикуваат современ и демократски начин на полициска работа што подразбира блискост со сите граѓани, неселективна примена на полициските овластувања, исклучителна примена на законите, одговорно работење, целосна транспарентност и отчетност.

„Како легитимен фактор во одржувањето на мирот и безбедноста, во справувањето со безбедносните проблеми, во заштитата на личната сигурност на граѓаните и нивните материјални добра, сите комплексни полициски задачи ги реализираме законски, брзо, професионално, етички, со целосно почитување на правната регулатива и пред се со почитување на човековите права и слободи. Градејќи безбедно општество, продолжуваме неуморно да работиме во интерес на сите граѓани“. – додаде Сарафилоски.

Портпаролот на охридската полиција м-р Стефан Димоски како што истакна, денес СВР Охрид впрочем како и целото  министерство, претставуваат целосно транспарентна полициска институција која секојдневно и постојано остварува активна и професионална комуникација со медиумите и јавноста.

„Начелото на јавност, потребата но и правото на граѓаните навремено и објективно да бидат информирани за настаните од безбедносен каракетер  се столбот во работата на канцеларијата за односи со јавноста. Тоа е обид плус за градење партнерство со граѓаните во решавањето на локалните безбедносни проблеми но и современа  алатка за градење меѓусебна доверба. За нас, медиумите се една од инстанците на слободното граѓанско општество за неформална надворешна контрола над полициското работење. Медиумите се мостот по кој  нашите активности стигнуваат до јавноста, до сите граѓани“. – истакна портпаролот на СВР Охрид м-р Стефан Димоски.

Началникот на СВР Охрид Зоран Сарафилоски им додели благодарници  на сообраќајната полиција, на криминалистичката полиција, како и на портпаролот на СВР Охрид м-р Стефан Димоски.