Агенцијата за млади и спорт ги прими учесниците на ЛОИ на Специјалната Олимпијада ЛА 2015. Оваа Олимпијада е всушност најглобален хуманитарен настан на кој 7000 атлети, 3000 тренери од 177 земји се натпреваруваа во 25 Олимписки спортови. Нашите претставници се вратија со повеќе од очекуваните резултати, две златни, шест сребрени и четири бронзени медали.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт им посака срдечно добредојде и им честита на огромниот успех. Златните Јулијана Петровска (100м. атлетика) и Марио Мицковски (25 м пливање) беа видно возбудени од освоените резулатати, но зад нив не заостануваа ни сребрените Ајвази Себат (200 и 400м атлетика), како и Марио Мицковски и Стефан Трпковски на 50м во пливање-слободен стил. Посебно остварување е среброто во првиот настап на Унифајт-тимот во кошарка. Бронзите беа резервирани за Пинг-Понг тимот составен од Фатиме Бељур и Давид Стојановски, како и за пливачите Стефан Трпковски и Јована Павловиќ.
Најуспешниот настап досега потврдува дека само со интензивна работа во рамките на програмата на Специјалната Олимпијада може да се дојде до ваков успех. Посебна благодарност изразија на Владата на Република Македонија во помагањето патот до Олимписките игри да биде возможен.