Секторот за внатрешни работи Охрид, против А.А.(22) од Охрид поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Тешка телесна повреда“. Со кривичната пријава, опфатени се и Н.Б. (23) Д.Н. (22) Ѓ.Б. (20) и А.Л. (25) сите од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Учество во тепачка“. Нив, истражен судија при основниот суд во Охрид им одреди мерка притвор во траење до 30 дена.
На 6-ти овој месец, првопријавениот А.А. со нож му нанел повреда во стомакот на М.Р. од Охрид по што замавнал кон С.С. од Охрид повредувајќи го во десната подлактица. Настанот се случил истиот ден околу 03 часот на пешачката патека кон Горица помеѓу плажите „Кадмо“ и „Куба Либре“ во Охрид.
Претходно, во ноќниот клуб „Кадмо“ пријавените започнале расправија со други две лица по што од обезбедувањето биле отстранети од клубот. При повторна средба помеѓу плажите, расправијата прераснала во тепачка во која пријавените физички ги нападнале двете лица од Охрид додека А.А. го употребил ножот. Потоа, тој избегал од местото на настанот.